Мето Ди Флеш: Дајте ѝ шанса на македонската музика!

Точка

11/04/2019

21:57

3.995

Големина на фонт

а а а

Стружанец, талентиран музичар, енергичен, позитивен, секогаш насмеан, искрен и добронамерен. Ако сè уште не знаете за кого станува збор, веројатно сте од онаа половина на публиката која пропуштила неверојатни караоке забави со Мето Ди Флеш.

Ако до денека баравте и евентуално не можевте да пронајдете караоке забави, ви го носиме вистинскиот човек за тоа! Мето одлично плови по „караоке водите“ во нашата земја, има успешни настапи, верна публика и преполни локали. Во продолжение може да го прочитате искрениот разговор со него, а воедно и да ја слушнете неговата нова песна „Не е млако“.


Од каде да почнам со тебе? :) Еве, за почеток кажи ми како успеваш секогаш да ги преполниш локалите каде што настапуваш, со оглед на тоа дека конкуренцијата расте од ден на ден?

Пред сè, благодарам на убавата забелешка која искрено ми годи. Искуството пред сè ги донесе овие мои настапи, каде што правам комбинација меѓу жива свирка и видео караоке или како што јас сакам да нагласам - со вистинско караоке. Многу е важно на гостите да им го привлечеш вниманието и да не ги оставаш рамнодушни. Едно време публиката сака да учествува во програмата, бираат песни од понудените листи кои се претходно ставени и сакаат да запеат. Пејачите не се оставени сами на себе и во комбинација со мене лесно можат да ја испеат својата омилена песна. Интересна и интерактивна е мојата програма и затоа мислам дека е добро посетена.


Ти си музичар кој привлекува публика од секоја возраст. Што е она што најмногу го бараат повозрасните, а што помладите? Или можеби на твоите караоке забави тоа и не се разликува многу...?

Има разлика меѓу помладата и повозрасната публика. Помладите ги сакаат последните македонски, балкански поп и светски хитови, додека повозрасните го сакаат ретрото и песните од еx-yu просторите.

Дали може да ѝ откриеме на делот од публиката што не те познава, што е она што е различно на твоите караоке забави од оние другите?

Моето караоке е она вистинското караоке како што е секаде низ светот. Не сум го измислил јас туку го презентирам на вистинскиот начин. Односно, имаш матрица, нормално, без вокал, и текстот оди на голем монитор или видео бим. Кај нас малку работите се изместени, па под караоке забава се подразбира обично пуштање музика (најчесто турбо фолк) каде што после некое време некој ќе пушти некаков глас.


Дали некогаш ти дошло „преку глава“ од настапи и доколку „Да“, како го надминуваш тој период, земајќи ја предвид твојата енергија која несебично ја споделуваш со твојата публика, на секој настап, без исклучок?

Човек како човек, му се случуваат секакви работи. Некогаш може и лошо да е расположен, но кога си ја сака работата, таа е таа која ќе го врати во добро расположение - па така е и со мене. ? Пред сè треба да го сакаш она што го работиш. Секогаш ја земам позитивната енергија од публиката и ја возвраќам со дуплиран ефект.

Пред неколку дена ја објави и твојата прва авторска песна „Да не е млако“. Дали може да им откриеме на твоите обожаватели зошто толку чекаше за свое авторско парче?

После 11 години се нафатив да напишам песна. Прва под брендот Мето Ди Флеш. Како автор се јавувам на песни на „Ден Потоа“, мојот бенд кој има два албуми издадени во 90-те години, додека последната е напишана за дуото „Флеш“, каде што бев дел од него. Снимање на песна и видео запис бара време и голема посветеност на истите, за кое што јас тешко можев да го најдам. Тоа е првата причина, додека втората е немањето на музичка сцена кај нас. Тоа е нешто што навистина фали за македонската музика да ја вратиме на вистински колосек. Ни фалат исто така музички канали, продукциски куќи, официјална топ листа, менаџери кои ќе работат со наши артисти... Сепак, на сите нас изведувачи ни треба простор каде можеме нашите нови песни да ги пласираме. Секоја чест на одредени медиуми, но повеќето едноставно не се заинтересирани, за жал, или пак треба да се молиш за воопшто да ѝ дадат шанса на една песна да биде пуштена на нивниот медиум..

Кој сè се потпишува позади песната?

Песната е комплетно моја и снимена е во моето студио. Видеото е во продукција на видео студиото Флеш. Придружните вокали се на Марија Мечкароска, а девојките во видеото се членови на студиото за танц Бах.

Кој ти беше најголема инспирација за создавање на ова парче?

Инспирацијата за моите песни, вклучувајќи ја и оваа, ја црпам секогаш во сето она што ме опкружува. За мене е многу важно човек да држи до својот збор. Не сакам површни работи, сакам искрени насмевки, искрени зборови, прегратки. Не сакам работи оставени до половина, едноставно - ништо што е млако и без емоција.


Кога би бил ти новинар, што би го прашал Мето Ди Флеш? :)

Мето Ди Флеш би го прашал како издржува да вози цело време на релација Струга-Скопје по искршени патишта. ?

За крај, што би сакал да споделиш со читателите на Точка?

Би сакал на вашите читатели да им порачам да бидат добри, да ги сакаат и почитуваат најблиските. Да излезат со насмевка од дома. Позитивната мисла - позитивни работи раѓа. И за крај, да слушаат македонска музика, затоа што има кај нас многу убави песни само треба да им дадеме шанса.

Автор: Цеце Николова
Фотографии: Приватна архива



Спонзорирани линкови

Маркетинг