Мирослав Пендароски: Депресијата ја поседуваме сите

Точка

19/04/2019

14:02

6.825

Големина на фонт

а а а

„Живеењето во Сега и Овде, во секој миг со сета свесност за емоционалните собитија во нашата душа, ние не ја спречуваме депресијата, туку развиваме целосно функционирашки организам и склоп на личноста кој не е скроен да создава семе на депресивноста“, објаснува за Точка, психолог, псхихотерапевтот проф.д-р Мирослав Пендароски.

- Превенцијата вели тој е во здравиот живот на секое поле – физичко (спортување, здрава храна итн.), социјално (дружби, пријателства, споделување емоции итн.), емоционално (богатство и искажување на емоции-емоционална експресија), интелектуално (когнитивен развој, свесност итн.), духовно (грижа за вишите вредности, естетиката, другите луѓе, природата, универзумот итн.). Не сум среќен што современите психолози во кои и самиот спаѓам, ќе имаат се повеќе работа - вели Пендароски.

Кои се најчестите причини за појава на депресија?

- Депресијата впрочем не се појавува во буквална, литерална смисла. Таа е дел од нас, од нашата психосоцијална егзистенција во потесна и поширока смисла. Тоа значи дека таа е последица, но и причина на многу други психички и емоционални појави. Таа е толку вкоренета во современиот човеков живот што со текот на времето станала своевидна црта на личноста, дел од нашиот склоп. Имено, во постмодерниот човеков систем на мноштво меѓувлијанија, депресивноста како состојба, особеност, но и патолошка состојба едноставно се подразбира како дел од нашето битие. Во таа поширока смисла, депресивноста ја поседуваме сите како емоционален, афективен потенцијал, како своевиден талент за нејзино доживување. Тоа значи дека потенцијал да биде депресивен има секој од нас, нешто слично како што сите во нас носиме темен, несвесен дел од психата. Во потесна смисла, патолошки, причина за депресијата најчесто е некаков вид на губиток (смрт на блиска особа, губиток на партнер, работа, професионален неуспех итн.)


Како да се спречи пред да се лечи?

- Ние луѓето сме чудни суштества, обично стануваме свесни за одредени појави откако веќе се случиле, откако е сторена штетата, односно, медицински речено, ние не дејствуваме превентивно, ментално хигиенски, туку секундарно, а некогаш и терцијарно, односо, од аспект на депресијата и депресивноста, луѓето реагираат веќе во фазата кога таа наголемо перзистира во нашиот живот. Значи, спречувањето на депресијата лежи во парадоксалниот факт на не-спречувањето, т.е. со самиот факт дека нешто треба да се спречи доаѓаме до заклучок дека тоа нешто кога-тогаш очекуваме да се појави. Едноставно речено, живеењето во Сега и Овде, во секој миг со сета свесност за емоционалните собитија во нашата душа, ние не ја спречуваме депресијата туку развиваме целосно функционирашки организам и склоп на личноста кој не е скроен да создава семе на депресивноста. Значи, да поедноставам, превенцијата на депресијата не лежи во некаков однапред уреден план, програма и систем, тоа всушност и не постои, бидејќи секоја личност е единствена, а со тоа и секоја депресивна состојба или депресија како болест е индивидуална и оригинална со своја специфична симптоматологија, клиничка слика и развоен пат. Оттаму, превенцијата е во здравиот живот на секое поле – физичко (спортување, здрава храна итн.), социјално (дружби, пријателства, споделување емоции итн.), емоционално (богатство и искажување на емоции-емоционална експресија), интелектуално (когнитивен развој, свесност итн.), духовно (грижа за вишите вредности, естетиката, другите луѓе, природата, универзумот итн.)

Кои се симптомите на депресија ?

- Симптоматологијата на депресијата е разнородна, многу богата и широка. Афективно, емоционално, депресијата е болест која се карактеризира со намалено расположение, недостаток на енергија, интерес или задоволство во секојдневните активности кои претходно биле задоволителни. Афектот е низок, негативен и слаб. Физички, интересот и концентрацијата се намалени, а заморот се манифестира дури и при најмал напор. Спиењето е нарушено, апетитот е намален, сликата за себе, себството, кај депресијата, самопочитта и самодовербата речиси секогаш се намалуваат, па дури и во поблага форма, често има некои идеи за вина и безвредност, малодушност, ниско себеценење итн. тага, губење интерес, зголемена самокритика и чувство на вина, загуба на енергија, социјално повлекување и мн. други.


Треба ли да се посега по лекови на своја рака, да се оди на психотерапија или нешто друго да се направи ?

- Секако дека лековите не се намирници од безопасен вид кои можеме сами да си ги препишување и да ги конзумираме како да се леб, млеко и салата. Шегата настрана, но денес, огромна популација луѓе дури и во секојдневниот говор споделуваат како тоа така лесно земаат хелекси, дијазепами и разни други антидепресиви, анксиолотици, бензодијазепини и што ли уште не. Јас не сум медицинско лице за да ја познавам точната фармаколошка терапија за депресивната состојба, но како психолог ја разбирам и поддржувам неопходноста од лекови. Впрочем, постојат депресивни тешки, ендогени состојби при кои единствено со психотерапија не може да се добие посакуван резултат и враќање на нормала во секојдневието на клиентите кои страдаат од оваа состојба и/или пореметување. Но, за тоа е одговорно лицето наречено невропсихијатар кој ќе одреди соодветна депресија и во соработка со психолог-психотерапевт ќе му понуди на клиентот една широка медикаментозна но и психосоцијална поддршка. Никако не смееме сами да си бидеме свои лекари! Во одредени состојби од реактивен, надворешен карактер, т.е. депресии кои не се така биолошки, органски предизвикани, туку се резултат на психички трауми, хронилни и акутни стресови и/или големи губитоци, психотерапијата е најдобриот избор. Соодветниот третман, особено на терапии од типот, Гешталт терапија, когнитивно-бихејвиорална терапија и некои други приоди, може многу да се постигне, но, тоа е долг, макотрпен и свесен процес кој од клиентите бара посветеност, трпение и верба, која токму кај депресивниот човек најмногу недостига. Во тој факт токму и лежи парадоксот на депресијата како сложен феномен, имено, основниот проблем е недостаток на волја, верба и енергија, а во истовреме токму со тие квалитети треба да се надмине состојбата предизвикана од нивното отсуство. Јас често истакнувам на своите студенти и едуканти дека во психологијата парадоксот е основната вредност и дека психолошката логика, што би рекол Аристотел е парадоксална. Имено, со својата душа и нејзините оштетени и намалени сили ние треба да ја излекуваме истата – душата !

Како да се развие свеста за појавата на депресијата дека не е шега и дека ни се случува ?

- На свеста за емоционалните пореметувања, во кои спаѓа и депресијата се развива со самото воспитување и подучување на здрав живот, добри навики и целокупна, тотална и сестрана грижа за себеси. Нема ниту една личност на овој наш мал свет која е целосно интактна, т.е. отпорна на депресија. Дури, таа е и своевиден вкоренет феномен на моменти природен за да се чувствува и доживува. Понекогаш, токму тешките депресивни епизоди, како што трајно не менуваат, така и не подучуваат на посвесен и поинаков живот, оти начинот на живот е основниот двигател на радоста или од другата страна на депресијата и сите други несреќи на човековата психа. И ова интервју е еден придонес кон зголемување на свесноста за оваа појава и подигање на менталната хигиена и превенција. Секој напис, емисија, книга, дијалог, се придонеси. Проблемот не се состои во тоа дека денес нема доволно информации или терапии или лекови за депресија. Не, сето тоа постои и достапно е. Проблемот е многу повеќе социопсихолошки, културолошки, антрополошки би се рекло. Депресијата на современиот човек на 20-от век не е предизвикана од истите елементи како кај луѓе пред 100 години. Денес, егзистенцијалните прашања, напливот на информации и особено човековата оттуѓеност од себеси и од другите и виртуелната реалност е почвата на која виреат “бактериите” на депресивното семе! Луѓето седнати во ресторан и заглибени во своите паметни телефони, отсутни во мислите, телата и емоциите и одлетани таму некаде каде што е виртуелното и непостоечкото – ете тоа е денешната депресија и денешниот свет кој раѓа луѓе кои самите се туркаат кон неа (депресијата) парадоксално или не, во некои од најбогатите и најмирните земји на светот (Финска, Шведска, Словенија итн.) денес стапката на самоубиства на глава на жител е фрапантно повисока од земјите од понеразвиениот свет ! Самото тоа ни кажува дека сиромаштијата не е најголемиот причинител на овие состојби, туку филозофските и психолошките длабоки теми на денешниот хомо сапиенс : оттуѓеност, омраза, осаменост, изолација, невозраќање на љубовта, нарцисоидноста, аутистичкиот психосоцијален живот сиромашен со здрави контакти итн.


Кои можат да бидат последиците?

- Ох, па последиците веќе ги живееме, а допрва и ќе ги живееме. Не сум среќен што современите психолози во кои и самиот спаѓам, ќе имаат се повеќе работа. Ме растажува и депримира помислата на сите оние млади лиуѓе кои секојдневно ги набљудувам сосема спонтано во автобус, на улица, на факултет, на школо, во кафулињата и меаните, насекаде а кои одат намуртени, сами, тажни, а сепак, полни со себеси. Ме растргнува фактот дека стануваме издвоени, сами, заедно на интернет, а сами по дома. Водиме љубов електронски, поиеме електронски и визуелни кафиња, се дружиме на мрежата на струја, паѓаме во несвест ако снема интернет, не се држиме за раце, не се ни караме веќе како луѓе, човечки. Последиците се сторени, доцна е за сеопшта превенција, се што останува е секој самосвесно и индивидуално да се развива. Ако веќе нешто е добро во оваа индивидуалистичко современо створение од општество, ете, нека биде тоа тој индивидуализам и борбата секој за себеси. Затоа што, најважна е внатрешната поддршка. Впрочем, ако ја имаш внатрешната поддршка, ја немаш депресијата. Ниедно апче, инјекција, медитација, помош, утеха и што ли да е , нема да биде доволно, ако самите не станете свесни дека еднаш имаме шанса за поправен испит во овој ете таков, единствен живот во оваа позната форма. Последиците можат да бидат уште пострашни: повеќе самоубиства, повеќе лекови на своја рака, поголема оттуѓеност, идентификација со познати личности кои секојдневно во светот посегаат по својот живот. Тешко е да признае дека за жал, луѓето кои се повредуваат себеси денес се доживуваат некако херојски, небаре во ова време-невреме треба младите да ги подучуваме да се предадат, затоа што нели, кул е да дигнеш раце од себеси затоа што твоето општество не се грижи за себеси. Општеството не го чинат институциите, туку ние луѓето, секој по свое и со сопствената одговорност.  

Автор: А.В.



Спонзорирани линкови

Маркетинг