Добредојдовте во земјата на перфекции

Точка

23/04/2019

10:49

3.293

Големина на фонт

а а а

После бројните патувања навистина е неблагодарно кога ќе ги прашаш „Синтезис“ кое е нивното незаборавно патување, но тоа не значи дека нема да ве носат и на други прошетки надвор од државата, преку Точка се разбира. А, еве зошто токму Јапонија.

- Се одлучив да пишувам за Јапонија, бидејќи тоа е земја каде не се оди често и не може секој да оди. Привилегија е да имаш можност да ја посетиш оваа земја. Нас таа можност ни се реализираше во мај 1999 година. Бевме избрани за таа година да гостуваме со 7 концерти во седум различни градови, од север до југ, како би го запознале јапонскиот народ со нашата држава, за нив непозната, со нашите традиции и култура. Се што е поврзано со Јапонија и нивниот народ е поразлично (култура, обичаи, традиција, менталитет на луѓето, храна....) Малку е што и да се напише за нив, треба да се оди и да се доживее - раскажува Билјана Ристовска, една од вокалите на овој етно - состав. 

Кое беше првото изненадување?

- Нaјпрвин се изненадивме од нивната професионалност. Почнувајќи од фактот дека половина година пред нашето заминување за Јапонија не посетија нивни претставници и неколку денови присуствуваа на нашите проби, се дружеа со нас, како би ги согледале сите наши потреби, знаменитости за нашата земја, храна, инструменти и со тие информации спремно не пречекаа уште на нашето слетување во Токио. Ни доставија јапонско-македонски речник, план со прецизна минутажа испланирана за целокупниот наш престој од 20 дена, плакат и брошури со опис на нашата група и нашата земја итн. Тоа беше наше прво гостување во азиска земја, земја која има најмал процент на странски туристи. Кога се подготвувавме за нашето заминување не предупредуваа да не очекуваме голема посетеност на концертите, аплауз меѓу песните-само на крајот,стекнување близина со луѓето, да се придржуваме кон обичаите за да не ги навредиме. Ние имавме толку пријатно искуство, сосема спротивно. Првиот настап ни беше во Токио каде салата беше полна со публика и после секоја нумера имавме аплаузи.


По завршување на концертот имавме коктел на кои присуствуваа членови од царското семејство. Не известија дека штом првиот концерт ни поминал успешно и на останатите 6 (во Хокаидо, Осака, Аичи, Кочи, Меи и Окинава) ќе имаме убава посетеност. Во Кјото имавме прием кај градоначалникот.

На највисоко ниво бевме третирани како мнoгу познати уметници за време на целиот престој. Екипа од 15-тина техничари се грижеа за нас целите 20 дена. Толку многу се спријателивме што на крајот со солзи се разделивме. Професионалци какви што нема нигде на планетава, организирани максимално, смирени и тивки-воопшто да не се повиши глас, дисциплинирани, љубезни, лојални, неуморни од работа-повеќето луѓе спиеjа исправени возејќи се со метроата. 

По многу нешта Јапонците се различни од нас, кога зборуваме за навиките. Но, ајде да почнеме од некаде...

- Се што е поврзано со овој народ е поразлично. Дрвцата им се во бонсаи стил. Возрасните имаат голем број на работни часови и многу малце си ја гледаат фамилијата и го поминуваат времето заедно. Становите им се мали, бидејќи не поминуваат многу време дома. Кога се запознававме со нова личност ни поклонуваа подарок, се поздравуваат со поклонување и се повлекуваат без да ви завртат грб, во рестораните соблекувавме чевли на влезот и седевме со скрстени нозе, јадевме исклучиво со стапчиња, на маса ве пречекуваат со влажни пешкирчиња за дезинфекција на рацете.

Вкусна беше храната?

- Храната беше превкусна (незачинета, немасна, претежно морска со морски алги). Во рестораните ги имаа сите јадења направени во пластична форма, како би можеле да знаеме што нарачуваме без да се објаснуваме,бидејќи во тоа време малкумина разбираа и зборуваа англиски јазик.

Се уште ги носат нивните традиционални облеки?

- Во селата сеуште се шетаа некои Јапонки во кимоно. Во училиште децата се облечени сите исто со црно бела комбинација.

Кои атракции ги посетивте?

- Треба да се види и технологијата до каде е стигната и традиционалното. Ние посетивме 7 различни града. Бевме и во Окинава каде голем дел од јапонците немаат отидено. Посетивме храмови каде замислувавме желби и ги прикачувавме на конец, шетавме во преубавите паркови и бевме сведоци на јапонска свадба,бевме кај најголемиот споменик на буда во Токио, уживавме во јапонската музика и начинот на кој зборуваа како со мелодија да ги изговараа зборовите, пробавме барем нешто да научиме од јапонското писмо кое е претешко за учење,слетувавме на вештачки изградени аеродроми, се движевме по вештачки копна, се возевме со нај брзиот воз во Токио кој не доцнеше ни секунда, уживавме во преубавите и луксузни хотели и музеи во кои ни беа организирани концертите, ултралуксузни трговски центри, метроа на 5 нивоа под земја....

Присуствувавме на настап на нивна група. Бевме во кафуле со многу познат пејач во Јапонија. На еден од приемите не учеа да играме нивен танц. Беа заинтересирани за нашите традиционални инструменти.

Каква е архитектурата?

- Јапонската архитектура е со дрвени куќички со кровови во звездест облик. Поради тоа што Јапонија е трусно подрачје со околу 1500 земјотреси годишно, сите домови, згради, храмови, споменици, училишта се на подвижна подлога изградени. Токио е ултрамодерен град со најразвиена технологија.

Кога е најдобро да се посети Јапонија?

- Нашето гостување беше испланирано во месец мај, кога преубавите јапонски цреши беа расцветани и пред почеток на монсумските дождови. Знаеше да проврне по малку дожд но, не беше проблем бидејќи на секој семафор имаше корпи со бесплатни чадори. Се послужуваш и го оставаш кога ќе престане на најблискиот семафор.

(A.B)



Спонзорирани линкови

Маркетинг