Отец Бобан Митевски за верувањата и обичаите поврзани со Велигден

Точка

26/04/2019

14:40

3.326

Големина на фонт

а а а

Дали навистина првото бојадисано јајце носи здравје и среќа, зошто се кружи три пати црквата, зошто денеска е строг пост, што симболизира кршењето на велигденските јајца и до кога се отпоздравува со Христос Воскресна –Навистина воскресна дознаваме од Отец Бобан Митевски.

Дали постот е тренинг како треба да се однесуваме секојдневно? 

- Поточно кажано, постот е начин на живеење. Постот е подвиг, а зборот подвиг значи движење напред. Значи постиме за духовно да се придвижуваме напред, кон Бога. Постои телесен пост - лишување од одреден вид на храна, и тоа во одредени моменти од годината и духовен пост, кој е целоживотен, секојдневен, а значи дека тогаш се подвизуваме и обидуваме да постиме од страстите, да ги победуваме и отфрламе. 

Која е симболиката на бојадисувањето велигденски јајца? 

- Велигденското јајце е симбол на Воскресението. Затвореното јајце го претставува гробот во кој беше погребан Господ Исус Христос. Црвената боја го претставува Неговото мачеништво, крвта Негова пролеана за целиот свет, па затоа Црквата постојано потенцира дека јајцата треба да бидат едноставни, вапцани само со црвена боја, без никакви украси. Скршеното јајце го симболизира отворениот гроб, од кој излегува, односно воскреснува животот - кој е Христос Господ.  

Дали навистина првото бојадисано јајца носи здравје, среќа? 

- Не. Категоријата среќа поинаку се осмислува низ теологијата и во Црквата. Зборот среќа доаѓа од црковнословенскиот збор срешта, што значи средба. Значи среќа е да се сретнеш со човек, да се сретнеш и со Бога. Исто така не носи ни здравје, туку е едноставно знак на Воскресението Христово. Настанал така што една од последователките на Господ Исус Христос, Марија Магдалина, кога Тој бил распнат и убиен, отишла кај тогашниот римски император, а Римската Империја владеела со Палестина и Ерусалим, да се пожали за нанесената неправда и убиството на невин човек. Тогаш таа му подала на дар црвено јајце, за да го објасни воскресението Христово. 

Што означува кружењето на црквата три пати? 

- Со трикратното кружење околу храмот,ние ккао да го објавуваме Христовото воскресение на целиот свет.Храмот е светот,кружиме и на сите страни на светот објавуваме.Трипати зашто бројот три е израз на совршенство. 

Што симболизира кршењето на велигденските јајца? 

- Кршењето на велигденските јајца го симболизира Воскресението Христово, воскреснувањето на животот - на Спасителот на светот од гробот.   

Зошто во петок е строг пост, што смее, а што не смее да се јаде? 

- Велики петок е денот во кој си спомнуваме за погребението Христово. Тој настан и богослужбено на овој ден го одбележуваме во црквите. Заради погребението на Исус, ние тој ден се воздржуваме максимално дури и од храната. Црковните денови посочуваат дека на тој ден се јаде сува храна, што значи најминимално нешто, колку за закрепнување. Тој ден е строг пост и јадеме храна подготвена без масло, внимавајќи тоа да не биде во изобилие. 

Ако постот не' учи на умереност зошто домаќинките подготвуваат богата Велигденска трпеза со мрсно месо итн? Што препорачувате вие да има? 

- Веќе на Велигден празникот е завршен. Но, поведението на кое сме се научиле во постот - умереноста, значи дека и кога веќе не постиме, треба да сме умерени. Убаво е да покажуваме изобилство на љубов и на добри дела, а во храната да имаме умереност, јадејќи колку ни е потребно, што не значи дека на трпезата треба да имаме сѐ, туку и во разновидноста да бидеме умерени. 


До кога се отпоздравува со поздравот Христос Воскресе? 

- До празникот Вознесение Христово, кој е секогаш 40 дена по Велигден. 

Христос воскресе / Навистина воскресе   

(A.B)   



Спонзорирани линкови

Маркетинг