Срушен женскиот рекорд на 15-от јубилеен Виз Ер Скопски маратон

Точка

04/05/2019

15:52

6.637

Големина на фонт

а а а

Виз Ер Скопски маратон ја покажа својата грандиозност. Околу 12.500 натпреварувачи од 58 држави го прославија 15. јубилеј излегувајќи на маратонот, полумаратонот, штафетниот маратон “ЕУ за спорт“ и трката на 5 километри.

Тимот на Виз Ер Скопски маратон, Сојуз на спортови на Скопје, беше целосно подготвен и ги исполни потребите и барањата на рекордниот број на пријавени.

Маратонската трка од 42км беше исцрпувачка и истата секогаш претставува вистински тест за човечкиот карактер. Првото место на маратонот во машка конкуренција го освои Чалачју Асмама Тируне со 02:15:37, второто Вилфред Кипчирчир Корир со 02:16:54 и третото во машка категорија му припадна на Гетаје Фисеха Гела со време од 02:19:32. Први три во женска конкуренција беа Јунис Њавира Мучири со 02:33:38, Јулитер Јепчирчир Тануи со 02:35:32 и Наоми Какоко Лимамуреи со 02:38:32.

Кај домашните натпреварувачи на маратонот од машките првите три беа Александар Кираџиев со 02:37:41, Марјан Бонев со 02:43:38 и Кокан Ајановски со време од 02:49:54, а од женските Адријана Поп Арсова со 02:52:52, Билјана Кираџиева со 02:58:15 и Катерина Шиповиќ со 03:20:30. Одличен резултат е тоа што тие успеаја да ја поминат границата од 3 часа што е одличен показател дека со помош на Виз Ер Скопски маратон атлетиката и спортот се надградува и расте во нагорна линија.

Воедно, урнат е рекордот кај женските македонски натпреварувачки со 02:52:52.

Илјадниците тркачи се натпреваруваа да ги надминат сопствените граници. Победник на полумаратонот беше Дарио Ивановски со 01:12:31, Кристијан Стошиќ заврши втор со 01:12:56 и трет беше Милош Ранчиќ со 01:13:19. Од жените во генералниот пласман првите три места ги земаа Зита Кацсер со 01:22:53, Милјана Ристиќ со 01:27:09 и Емилиа Тодоровска Елиас со 01:27:25.

Во полумаратонската трка од домашните натпреварувачи во машка категорија прв заврши Дарио Ивановски со 01:12:31, втор заврши Милош Ранчиќ со 01:13:19 и трет бешe Атанас Анчевски со 01:13:59. Од женската категорија од домашни натпреварувачи прва беше Милјана Ристиќ со 01:27:09, втора заврши Благица Јованова со 01:31:15 и трета беше Виолета Ивановиќ со 01:35:00.

Трката на 5 километри беше најмасовна и за неа се пријавија околу 9.500 учесници, од кои најмногу беа жени. Оваа година, за прв пат на трката од 5 км беа пријавени повеќе жени од мажи. Во оваа голема конкуренција први од машките беа Леонид Вандевски, Павле Јовановски, Пепи Анакијев, а од женските Марија Стојановска, Ања Еклер, Ирма Хајдари.

Секој учесник и заинтересиран може да ги провери резултатите на следниот линк: http://skopskimaraton.com.mk/rezultati2019 како и да ја симне мобилната апликација на https://play.google.com/store/apps/details?id=com.skopjemarathon.

Навивачите и поддржувачите може да аплицираат за најдобар транспарент и најдобра фотографија на повикот на официјалната страна на Виз Ер Скопски маратон на http://skopskimaraton.com.mk/. Во склоп на трката имаше околу 30 музички точки со цел да ги поттикнат и охрабрат учесниците на ова исцрпувачко натпреварување. Целиот главен град беше полн со луѓе и позитивна емоција за оваа прекрасна манифестација.

Виз Ер Скопски маратон е под покровителство на Град Скопје, Делегацијата на Европската Унија и Агенцијата за млади и спорт.




Спонзорирани линкови

Маркетинг