Сашо Паркет: Во Индија се верува дека телото во кое живееме е машина подарена од Бог

Точка

13/05/2019

11:23

6.776

Големина на фонт

а а а

Се уште се занимава со музика како продуцент во неговото, како што вели, скромно студио. Со „Паркети“ одвреме-навреме имаат концерти, а моментално подготвуваат нов албум кој веројатно ќе излезе наесен.

Како додатно хоби со кое од љубов се занимава е пчеларството. Во неговата бавчичка од околу 3-4 декари под фолија одгледува органски зеленчуци и сади дрвца кои после неколку години би биле и една врста бизнис за пензија. Женет е, како што знаете, уште од 2011 година и има седумгодишна ќерка Дарија Паркет.  

- Фала му на Бога колку толку живеам мирен обичен живот.. многу многу не излегувам по кафулиња и ресторани..имам мерак само за патувања со фамилијата и барем еднаш двапати годишно си правиме скромен одмор на море или планина, раскажува за Точка, Сашо Паркет. А вас, ве носи на незаборавно патување во Индија.


Кој беше поводот за посетата?

- Во мојот живот уште од 1995 година сум Харе Кришна, живеев 4 години како монах до 2000 година, но иако патував низ балканските земји никогаш не бев во Индија. Во 2005 година имав еден тежок период поради раскинување со една девојка и ми се понуди можност за евтина авионска карта. Така да, цел тој одмор со се авионски карти, јадење, шетање и спиење таму ме чинеше околу 800 евра. Мојот повод беше да посетам некои познати свети места и малку да го излекувам срцето од болката на раскинувањето. Се капев во Ганга и некои други свети места и наполнив батерии. Сите што ме знаат од 2008 година, тогаш јас бев тазе вратен од таму. 

Навистина се толку паметни слоновите, па и на семафори чекаат во Индија? 

- Во моето патување запознав еден прекрасен слон, се викаше Гулабкали и сосема ме воодушеви колку беше и паметен а и возвишен...Дефинитивно слоновите се доволно паметни за да чекаат и на семафор иако јас тоа лично не видов, но собраќајот во Индија е нешто за кое треба едно специјално интервју...Слонот со кој се дружевме во Бенгал неколку дена беше многу грациозно и паметно суштество, ништо помалку од нас.. 

Која им е филозофијата на Индијците? 

- Во Индија без разлика што има илјадници религиозни процеси заедничко им е што веруваат во карма и реинкарнација. И затоа тој што се родил сиромав знае дека тоа му е карма и не ни се труди многу да го промени тоа, но затоа тие луге што ги гледаме на ТВ таму, толку многу не се секираат како ние овде за разни ситници. Таму во глобала ја немаат таа западна филозофија дека мора по цел ден,  цел живот да работиш многу тешко за да уживаш во животот. Плус самата клима и поднебје, жештината и монсуните прават една таква полабава атмосфера во која многу не им се брза... Тоа би му сметало на човек учен на западни принципи, ама затоа Индија според мене е интересна ..И нема да ѝ стои на Индија да стане како Јапонија или Германија или Америка... 

Во Индија секој верува дека ова тело во кое живееме е една врста машина подарена од Бог и кога таа машина ќе остари и се расипе, ние ја напуштаме и по волја на провидението или кармата прифаќаме ново тело. Затоа треба да правиш добри дела за следниот живот да ти биде поубав. Тоа е заедничка филозофија за сите хиндуси. Е сега таму има илјадници религиозни процеси како да се прекине тој процес на бесконечно раѓање и умирање и да се достигне просветлување мокша нирвана и тн., но не би пишувал опширно за тоа...Индијците се спиритуален народ, многу интелигентен иако многу мислат дека таму сите се сиромашни и неписмени, ама тоа не е така..На запад ние така мислиме, но верувајте не е така..


Што проба од нивната храна? 

Јас сум вегетаријанец уште од 1995 година и таму јадев многу интересна вегетаријанска храна, зачинета со различни зачини. Прво таму се јаде храна во проверени места каде ние западните луѓе можеме да јадеме, а да не се разболеме бидејќи нивните имунитети се различни од нашиот...Јас бев на три места во три држави и секаде е малку различно..На пример во Бенгал се јаде многу лута храна и освен басмати оризот се друго е луто во нивната храна. Таму пробав и тазе кокос, зелен скинат од дрво и течноста во него е нешто прекрасно...исто и ананасите и бананите имаа сосема посебен вкус..Во Делхи и Бенарес не беа толку лути јадењата. Често одев и во места каде делат бесплатна храна за луѓето кои одат на аџилак и тоа исто е дел од индиската култура да се дели храна на сиромашните. Таму постојат илјадници зеленчуци и овошја кои ги нема тука и затоа е доживување да се пробаат. Сепак на проверени места не секаде и во принцип за вегетаријанците е рај додека за тие што сакаат исклучиво месо, во Индија и не е баш толку добра храната.


Каде престојуваше? 

- Во Индија, поради многу туристи има безброј опции за спиење од многу евтини до сосема луксузни. Јас спиев во хостели од средна класа или соби за изнајмување. Во 2005 година, цената беше смешно ниска, околу 3 долари за двокреветна соба без телевизор, но таму тоа не ти треба. Луксуз не ми требаше затоа што таму бојлер не треба - самата вода од чешмите е топла како да се капеш во лето на езеро или море... 

Пријатна, непријатна или помалку пријатна случка? 

- Јас бев 30 дена есента 2005 година и патував на неколку места...95% се беше екстатично и пријатно. Најнепријатно беше првиот ден кога од аеродромот стигнав на железничката во Делхи и доживеав тежок културен шок кој траеше неколку часа затоа што таму навистина беше страшно, но после отидов да прошетам низ поубави делови на Делхи и сфатив не е така секаде и се навикнав. Во првиот момент самата помисла дека 4 милиони луге дневно поминуваат низ таа железничка станица беше нереално и гледаш дека ако таму те снема никој нема да те најде. Беше авантура и помалку страшно. Помалку пријатна случка е еден ден мала настинка и стомачен вирус, па морав да постам еден ден, но другиот ден бев добро. Така да, од 30 дена, 28 ми беа екстаза. 

Како би ги опишал Индијките?

- Индијките ги има различни, со темен тен, со посветол тен и со златен тен бидејќи сепак Индија брои 1,5 милијарда жители. Џабе не биле многупати Мис на светот, нивната убавина доаѓа одвнатре. Забележав дека е различно од кај нас тоа што таму нема толку изразена сексуалност. Таму по мое се уште е задржана таа женска убавина на еден различен начин од тука. Тука е се со мини здолништа или хеланки итн..Таму гледаш прекрасна девојка од 15-6 години како пере на рака во реката или со кал ја поправа оградата од куќата. Но, има и аристократски жени кои поретко се гледаат, сепак ги сретнав со многу возвишени манири и зрачат со аура. На пример, една продавачка во продавница за музички инстументи слободно можеше да е Мис на светот, а во очите ѝ се гледаше голема длабочина на свесноста. Не ги критикувам нашите жени, само кажувам таму какви се таму. 


Зошто би живеел, а зошто не во Индија? 

- Во Индија се оди за духовно богатство исто како што се оди во Германија или Америка за материјално богатсво. Во Индија може да живее среќно човек кој е разочаран од западниот начин на живот, кој не сака брз живот и на кој му е пријатна топлата клима без долги зими. Моментално нема потреба да живеам таму, но да ми се пружи можност да живеам покрај море во некое малечко местенце не голем град сигурно би живеел. Можеби ако даде Господ еден ден кога ќе сум постар да си купам куќа таму на море и мирно да живеем пишувајќи книги или слично, финилизирајќи го својот духовен пат (оти да не-. Местото на живеење е во нас. Кај и да си тоа доаѓа со тебе. Најбитно е тоа во тебе, оти ако внатре имаш многу тегоби и недовршени работи, не помага ако само бегаш и бараш географски мир. Ако се уште не е човек подготвен, не е паметно да живее во места како Индија. 

Колку е просечната плата, каков е стандардот? 

- Па, јас кога бев таму стандардот им беше малку понизок од тука, па се беше многу евтино. Но, мои другари кои сега скоро беа таму викаат дека моментално е слично како кај нас. Иако има и сиромашни луге кои работат за 2-3 долари дневно, има и средна класа како на филмовите и индиските серии, за кои мислам дека живеат и подобро од нас. Таму има три видови возови, еден е тој што го гледаме пренатрупан со луѓе, тие се ефтини и спори возови. Средна класа воз со која јас патував е со кушет вагони, а возот е брз како нашите некогашни возови. Има и возови кои се на ниво на западен воз со сите луксузи. Индија не е за жалење ние тука сме повеќе за жалење, многу бараме, а тешко се добива. Индија можеби немаат, но толку не ни бараат и грубо гледано луѓето се повесели. 

Се надевам не навредив никого или ве измачив премногу, почит до секој кој одвоил време да го прочита ова што го напишав, Харе Кришна.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг