По колапсот на владината коалиција, неизвесен е исходот од изборите за ЕП во Австрија

Макфакс

19/05/2019

11:21

1.240

Големина на фонт

а а а

По вчерашната одлука на австрискиот канцелар, Себастијан Курц, за предвремени избори, поради аферата со видеоснимките од вицеканцеларот и негов коалициски партнер, Хајнц Кристијан Штрахе, кој поради настаните поднесе оставка од владината функција и од лидерската позиција во Слободарската партија (ФПО), во Австрија стана сосема неизвесен исходот од изборите за Европскиот парламент кои ќе се одржат следната недела.

Истражувањето на јавното мислење покажува дека не може да се процени како колапсот на владината коалиција ќе влијае врз изборите следната недела.

„Почетната ситуација е веќе значително изменета и претходните истражувања може слободно да се фрлат во ѓубре“, изјави Петер Хаек од истражувачката агенција Public Opinion Strategies.

Тој смета дека сега истражувачите на јавното мислење треба да почнат од нула, затоа што сите анализи извршени во последните недели и месеци се едноставно неприменливи.

„Изборите за Европскиот парламент сега имаат сосема различен карактер, односно добиваат профил на тест избори за вонредните парламентарни избори“, истакнува Хаек.

Тој додава дека нема ниту доволно време за сериозни избори и ќе бидат потребни два до три дена за ситуацијата да се смири.

Експертот посочува дека последиците од распишувањето на предвремени избори би можеле да имаат последици во сите правци.

Според него, големо прашање е која група избирачи ќе се мобилизира или демобилизира поради новите случувања.

Според искуството, би требало да се мобилизираат гласачите на опозицијата, додека гласачите на Слободарската партија (ФПО) би биле демотивирани да излезат на гласање поради скандалот со нивниот досегашен лидер, но што се однесува до гласачите на Народната партија (ОВП) на канцеларот Курц засега е тешко да се процени дали би останале дома или би излегле на гласачките места.



Спонзорирани линкови

Маркетинг