Македонија почнува со преговори со Унијата во септември, Тирана уште чека?

Макфакс

15/06/2019

16:27

3.675

Големина на фонт

а а а

Северна Македонија веројатно подоцна оваа година ќе добие поддршка од Европската унија да почне преговори за членство додека во случајот со Албанија и пристапните преговори со ЕУ на таквата одлука се противат Франција, Германија и Холандија, пренесува "Катимерини", повикувајќи се на дипломатски извори.

И покрај реториката дека Европската унија треба да прифати нови членки од Западен Балкан за тие земји да го зацврстат својот европски пат и за да биде маргинализирано кинеското и руското влијание, прашањето со миграцијата предизвикало сомнежи во некои од северните држави на Унијата. 

Со голема поддршка од повеќето земји-членки на ЕУ и Европската комисија, Албанија и Македонија се надевале дека европските министри на состанокот следниот вторник во Луксембург ќе дадат зелено светло за почеток на преговори за членство.

Таквата одлука на министрите би го отворила патот за нејзино одобрување од страна на лидерите на Европската унија на самитот во Брисел на 20-ти и 21-ви јуни.

Меѓутоа, засега е познато дека на ниедна земја нема да и биде дадено зелено светло, рекле дипломатите и службениците на ЕУ, иако 13 од државите, вклучувајќи ги и Италија и Полска, како и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, јавно повикале на почеток на преговорите.

Сега постои опција да се постигне нови договор меѓу владите на земјите од ЕУ во септември, но само за Македонија.

"Северна Македонија има добри шанси за почеток на преговори за членство во ЕУ, со оглед на постигнувањето на историскиот договор со Грција околу името на државата", рекол еден висок службеник на ЕУ, наведува грчкиот весник.

Но, тој ист службеник на ЕУ, вели дека Албанија и натаму е големо прашање за некои влади во ЕУ, и дека не изгледа ветувачки.

Според мислењето на "Transparency International", една од најкорумпираните земји во Европа е токму Албанија, која е членка на НАТО, но постигнала само мал напредок во борбата против перењето на пари и покрај смената на корумпираните судии и обвинители.

Во јуни минатата година Франција и Холандија неочекувано го блокирале почетокот на преговорите со ЕУ за Албанија и Македонија, барајќи дополнителни реформи.

Холандскиот парламент на 11-ти јуни ја усвоил резолуцијата против отворање на пристапни преговори со Албанија, додека Македонија добила поддршка од холандските пратеници.




Спонзорирани линкови

Маркетинг