Се повторува ли ирачкото сценарио: На кого му одговара војна меѓу САД и Иран и како би завршил судирот

Точка

15/06/2019

17:41

4.263

Големина на фонт

а а а

Црно-белата снимка на американската војска наводно покажува тим од Иранската револуционерна гарда во брз чамец кај нафтениот танкер во Хормушкиот мореуз.

Според американските тврдења, таму иранските елитни единици отстрануваат неексплодирана магенетна мина од танкерот. Во американскиот официјален извештај, Иранците на тој начин ги отстрануваат доказите, а тоа значи дека Техеран стои зад нападот на двата танкери. 

Дали е тоа доказ дека Иран е фатен на дело и дали треба слепо да се верува во приказната која ја сервираат Соединетите Американски држави?

Сомнението е повеќе од оправдано, бидејќи и војната против ирачкиот диктатор Садам Хусеин во 2003-та година почивала на сосема лажни тврдења од американските власти. Освен тоа, денес живееме во дигитален свет кога манипулацијата со снимки и слични доказни материјали е уште полесна од тогаш.

На прв поглед делува нелогично дека Иран би им дал повод на САД за можна војна која, со оглед на односот на силите, Техеран може само да ја изгуби. Тоа е една страна од приказната.

Другата е дека експертите тврдат дека Иранската револуционерна гарда навистина има експертиза во ракување со магнетни морски мини. Потсетуваат дека Техеран повеќе пати се заканувал дека во случај на конфликт ќе го саботира слободниот сообраќај низ Хормушкиот мореуз, кој е од витално значење за трговијата со нафта и светската економија.

Нападот на танкерите исто така би можел да се интерпретира како обид на Иран да покаже мускули, односно дека на Американците им демонстрира дека има свои начини и дека нема да се предаде.

Тоа се само шпекулации. Исто како и теоријата дека зад нападот се крие американски, саудиски или израелски заговор. Точно е дека, со оглед на стратешките интереси во САД, Израел и државите од Арабискиот полуостров, може да се препознаат повеќе мотиви за подметнување на повод да се обвини Иран.

Но, има еднакво толку показатели кои зборуваат против тоа сценарио - да речеме Доналд Трмап. Тој е избран за претседател со ветување дека САД воено ќе се повлече од Блискиот исток. Војната против Иран веројатно би носела бројни загуби и не би била добиена без копнени трупи. Загинати американски војници не би ги зголемиле шансите на Трамп повторно да биде избран за претседател.

На крај останува и горкото сознание дека, кој и да стои зад провокацијата во мореузот, очигледно постојат сили кои и покрај секој политички разум и хуманост ја сфаќаат војната многу едноставно или дури ја гледаат како решение на конфликтот. Тоа е опасно.

Војната во Персискиот залив би имала разорни последици по многу земји во региони, посебно оние во кои делуваат про-ирански паравојски - Јемен, Сирија, Ирак, Либан. Веројатно би биле погодени и Израел, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

Таквата војна би имала само губитници. Германија и Европа, со нивното ограничено влијание, останува да направат се за да не дојде до војна. Сепак, останува впечатокот дека се ближи војна која наводно никој не ја посакува.




Спонзорирани линкови

Маркетинг