Револуција на пауза: И Huawei го одложи почетокот на продажбата на флексибилниот телефон

Точка

16/06/2019

13:54

3.307

Големина на фонт

а а а

Mate X, првиот флексибилен телефон на Huawei требаше да биде пуштен во продажба овој месец, но кинеската компанија, баш како и Samsung со својот флексибилен телефон, одлучи да ги продолжи тестирањата, односно да го одложи почетокот на продажбата.

Откако Samsung и Huawei ги претставија првите флекбилни телефони и најавија револуција на пазарот, набрзо потоа се покажа дека развојот на ваквиот тип на телефони не е воопшто едноставен.

После години и години тестирања, Samsung започна да го испрати Galaxy Fold во рацете на некои Јутјубери кои после само неколку дена користење забележаа проблеми со екранот. Јужнокорејците набрзо потоа се решија на логичниот потег – го паузираа пуштањето во продажба на својот прв флексибилен телефон и се вратија во лабораториите да го усовршат екранот и преклопниот механизам.


Сега и Huawei објавија дека ќе го следат примерот на Samsung, па го одложија почетокот на продажбата на Mate X. Како причина ги наведоа токму проблемите со кои што се соочи Samsung со Galaxy Fold и нагласија дека сакаат да се осигураат и дополнително да го тестираат својот уред за да не се соочат со истите проблеми.

„Не сакаме да лансираме производ кој ќе ни ја уништи репутацијата“, изјави портпаролот на кинеската компанија за “CNBC”, свесен дека евентуално фијаско со Mate X уште повеќе ќе ја потресе компанијата која што веќе се соочува со силен удар после американските санкции.


Сепак, додека Huawei „дополнително го тестира“ својот флексибилен паметен телефон, многумина ги интересира на кој оперативен систем ќе работи Mate X, со оглед на тоа што Кинезите поради санкциите не смеат да користат Андроид на своите нови модели.

Но, од кинеската компанија тврдат дека телефонот ќе работи на оперативниот систем од Google, затоа што бил претставен пред да биде воведена забраната за соработка со американските компании.



Спонзорирани линкови

Маркетинг