Индија ја откажала мисијата на Месечината еден час пред лансирањето

Точка

15/07/2019

11:59

3.024

Големина на фонт

а а а

Индија со успешно завршување на мисијата би станала само четврта земја по САД, Русија и Кина која успеала да изведе контролирано слетување на Месечината.

Долгоочекуваната индиска мисија на Месечината била одложена во понеделникот наутро кратко пред лансирањето поради технички проблеми, објавила Индиската вселенска агенција ISRO, пренесуваат агенциите. 

"Технички проблем е забележан на системот за лансирање 56 минути пред планираното лансирање. Како мерка за внимателност, лансирањето на "Чандрајан 2" е одложено за денес", објавил ISRO на Твитер. Новиот датум за лансирање ќе биде објавен подоцна.

Мисијата, ако биде успешна, ќе ги зајакне индиските аспирации да се приближи до водечките светски нации во вселенските истражувања и на комерцијалниот пазар за вселенски летови.

Индија со успешно завршување на мисијата би станала само четврта земја по САД, Русија и Кина која успеала да изведе контролирано слетување на Месечината и би ставила ровер на површината на Земјиниот природен сателит.

Станува збор за трет обид за слетување на Месечината оваа година, по успешната мисија на кинеското летало "Чанг'е-4" и неуспешниот обид на израелската сонда "Берешит", која се урнала на површината на Месечината.

Индиското летало "Чандрајан 2" или "Месечинска кочија 2" би требало да биде лансирано од тропски остров на сојузната држава Андра Прадеш, по еднодецениски развој.

Индија потрошила околу 150 милиони долари за да го развие "Чандрајан 2" и да го оспособи за лет долг 384.000 километри од вселенскиот центар Сатиш Даван на јужниот пол на Месечината, каде би требало да слета на 6-ти септември.

САД на 15 Аполо мисии, вклучувајќи и шест кои слетале на Месечината, потрошиле околу 100 милијарди долари во денешна вредност на парите.

Кинеската сонда "Чанг'е-4" слетала на Месечината во март, што чинело околу 8,4 милијарди долари.

Русија, првата земја која организирала успешно слетување на Месечината без човек во 1966-та година, потрошила преку 20 милијарди долари на мисиите од 60-тите и 70-тите.

И покрај релативно малиот буџет, се поставува прашањето зошто Индија тргнува во освојување на Месечината, а земјата и натаму се бори со глад и сиромаштија. Но, станува збор за национална гордост - премиерот Нарендра Моди ветил дека ќе прати човечка мисија во вселената до 2022-ра година.



Спонзорирани линкови

Маркетинг