Димитров: Системот почна да се бори со криминалот, сеирџиство и банално ликување не помагаат

Макфакс

16/07/2019

09:06

1.700

Големина на фонт

а а а

Системот, со сите маани, почнува да се бори со криминалот, без разлика од каде доаѓа, напиша министерот за надвореши работи, Никола Димитров по вчерашната акција во која беше уапсен првиот човек на 1ТВ и неформалниот директор на „БМЈ Медиа груп“, Бојан Јовановски, познат како Боки 13.

Судот ноќесна му осреди 30 дена притвор. Јовановски е првоосомничен во најновата истрага на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Јовановска заедно со Зоран Милевски Кичеец е обвинет за примање награда за противзаконско влијание, како и за перење пари.

,,Никој не рече дека ќе биде лесно. Можеме да тонеме во разочарување и очај и да ја храниме самопоразувачката енергија дека од нас не бидува ништо. Со мазохизам и неразбирлива радост да ги дочекуваме лошите вести. Чашата секогаш да биде полупразна: ,,Ти кажав, не бива од нас држава”. Бидејќи, веста денес може да биде и ваква: системот, со сите маани, почнува да се бори со криминалот, без разлика од каде доаѓа.

Дека ќе не’ биде и покрај се’ и заради се’. И заедно со сите кои не веруваат дека ќе не’ биде. Дека борбата против криминалот никогаш нема да заврши. И ќе трае, оти е борба всушност на доброто против злото. На некој начин, таа борба, што мене како и многу други ме вовлече во и кон политиката, е на самиот почеток. Дека ќе треба интегритет, пот, солзи и многу работа за да ги тргаме наталожените раскомотени криминални мрежи. Дека сеирџиство и банално ликување не помагаат, ниту дефетизам и ширење немоќ, бидејќи најлесно е да се откажеме сите. Помага само да засукаме ракави и сите да работиме до последно. Бидејќи знаете што е државата? Сите ние, сите граѓани до последен. И кога фрламе по државата, фрламе и по себеси. Ќе не’ биде народе, тогаш кога секој во своето, ќе турка до последниот атом. Јас не дигам раце додека не не’ биде. Не сме ние ништо понеспособен народ од било кој друг. Мегданот тоа да го покажеме и докажеме е токму тука, токму сега. Ќе не’ биде и точка!, напиша Димитров на Фејсбук.



Спонзорирани линкови

Маркетинг