“Имаме сè повеќе дипломи, а сè помалку разум; поголеми куќи, а сè помали семејства”: Ова се зборовите на комичарот кои секој треба да ги знае!

Точка

07/08/2019

18:55

5.996

Големина на фонт

а а а

Еден од најпознатите американски комичари, Џорџ Карлин, по смртта на својата сопруга напишал текст за парадоксот кој го носи модерното време.

Иако текстот настанал од лична трагедија, Карлин зборува во името на сите нас, а истиот започнува со зборови дека парадокс на нашето време е што имаме повисоки згради, но пократки нерви. 

“Имаме пошироки патишта, но тесни видици; трошиме повеќе, а имаме помалку; купуваме повеќе, а уживаме помалку”, го продолжува комичарот својот став.

“Имаме поголеми куќи, а помали семејства; повеќе удобност, но помалку време; повеќе дипломи, а помалку разум; повеќе знаење, а помалку расудување; повеќе експерти, а сè поголеми проблеми; повеќе знаење во медицината, а сè помалку здравје.


Пиеме премногу, пушиме премногу, трошиме непромислено, се смееме малку, возиме пребрзо, лесно се лутиме, предоцна легнуваме да спиеме, стануваме уморни, недоволно читаме, премногу гледаме телевизијa”, напишал Карлин и додал дека ретко се молиме.  

Американскиот комичар го изнел ставот и дека ги зголемивме нашите имоти, но ја намаливме вредноста, како и дека премногу зборуваме, премалку сакаме и пречесто мразиме.

“Научивме како да преживуваме, но не и како да живееме. Ги додаваме годините на животот, но не и животот на годините. Патувавме до Месечината, а проблем нѝ е да отидеме преку улица и да го запознаеме новиот сосед. Го исчистивме воздухот, а ја загадивме душата”.

Наместо квалитетот, важен нѝ е квантитетот:

“Ова се времиња на брза храна и бавно варење; големи луѓе, а мали карактери, брза заработка и површни односи. Ова е време на мир во светот, а војна во домот. Време исполнето со задоволство, но не и уживање. Време на разновидна храна и лоша исхрана. Ова се денови на брзи патувања, оскудна облека и низок морал; сè подебели луѓе и таблети кои можат сè – да ве расположат или убијат”, го продолжува Џорџ своето писмо.


Комичарот кој почина во 2008 година, а во текот на својата кариера освои пет Греми награди и важеше за голем критичар на општеството, особено американското, ги советува сите да поминуваат што повеќе време со саканите бидејќи нема да бидат вечно покрај нас.

“Сетете се да му кажете “те сакам” на партнерот и на вашите сакани, но најмногу од сè, искрено мислете го ова. Бакнежот и прегратката можат да ја излечат раната, ако доаѓаат длабоко од срцето. Сетете се да се држите за раце и ценете ги моментите кога сте заедно, бидејќи еден ден тие личности нема да бидат тука. Најдете време да сакате, најдете време да разговарате и најдете време да ги поделите ваши драгоцени мисли со другите.

Смејте се често, долго и искрено. Смејте се додека не го изгубите здивот. Животот не се мери со бројот на вдишувања, туку со моментите кои нѝ го одземаат здивот”, порачува Карлин на крајот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг