Ева Нединковска: Овој одмор има посебно, интимно значење што ќе го задржам за себе

Точка

14/08/2019

11:41

8.015

Големина на фонт

а а а

“Напорно станува во реалниот живот, кога треба успешно и брзо да жонглираш со обврските на работа, дома, потребите на детето и роковите”- вели Ева Нединковска за Точка, но затоа се тука одморите кои зближуваат и дозволуваат повеќе време за семејството и посветеност на детето. Таа вели дека покрај улогата на мајка, пред се е другар со нејзината ќерка Ена.

Летните одмори се како добредојдени особено за оние родители кои се ангажирани во текот на годината, повеќе време да поминат со своите деца. Какво дете е Ена? 

- Ена е две и пол годишно девојче со слободен дух, енергично, љубопитно, со изразен интерес за уметностите, како музика, танц и сликање. Kако и повеќето деца на таа возраст е неописливо слатка и интересна, а воедно и е мојот најважен ученик и учител. Мојот најголем благослов, среќа, грижа, љубов, предизвик итн. Родителите ме разбираат. 


Како успеа да се снајдеш со неа на плажа, бидејќи на таа возраст децата бараат баш цело време "трчање по нив"?

- Мислам дека добро се снаоѓам во улогата на мајка, а исто и во улогата мајка - другар на плажа. Да, Ена знае да е доста пргава и сака постојано нешто да прави но и јас, самата, уживам во тие активности. Забавно ни беше заедно да пливаме на брановите, да правиме замоци, да се бркаме на песок, да собираме и групираме камчиња по бои, големини и форми итн. Одморот беше задоволство и игра. Напорно станува во реалниот живот, кога треба успешно и брзо да жонглираш со обврските на работа, дома, потребите на детето и роковите.  

По што ќе го паметиш овој одмор? 

- Овој одмор има посебно, интимно значење што ќе го задржам за себе. Ќе го паметам по тоа што е прв одмор по многу години напорна работа и живот, на кој успеав комплетно да се опуштам и свртам кон себе и кон Ена. (претходните одмори подработував и не баш одмарав на плaжа). Правиот одмор е одмор на духот и мислите, не само на телото. Одморот е гол допир до себе и разговор со себе. За мене овој одмор беше подзастанување и истовремено растење.


Со деца е напорно, но и забавно, интересни случки од одморот?

- Со деца секогаш има интересни случки. Еве неколку: на одморот Ена успеа да се откаже од пелените после неколку неуспешни обиди и комични ситуации на плажа. :) Исто, во меѓувреме беше неверојатно дружељубива, па се спријатели со 5-годишно детенце од Србија и заедно имаа долги прошетки за рачиња по плажа, песочни игри, а најсмешно ни беше што Ена му пееше песни од The Beatles, "Yesterday" и "Imagine", снимивме видеа за да се смееме заедно кога ќе потпорасне. Успевав да ја убедам да јаде споменувајќи го другарчето од плажа. Љубовта прави чуда, како и секогаш. :)

Почнаа ли подготовките за новата учебна година во "Ева"? 

- Подготовките во Центар за обука ЕВА течат континуирано, непрекинато. Тоа е и една од состојките на нашиот успех, 8 години по ред, постојаноста и конзистентноста. Работиме систематски, не кампањски. Од септември почнува 9-тата учебна година со Школи за јазици, музика, цртање и сликање, фотографија, убавина и бизнис. Секоја година имаме надоградени програми, стипендии за талентирани деца и возрасни и многу интересни случувања.

Колку деца досега се едуцираа и во кои области? 

- Во ЕВА се имаат едуцирано повеќе од 6500 деца и возрасни на горенаведените програми плус драма. Имаме стотици успешни приказни што ги знаеме, луѓе кои изградиле кариера или се запишале на престижни факултети па и предаваат таму, деца на кои од хоби и љубов тоа им станало лична и професионална определба, луѓе кои отвориле свои бизниси и успешно ги водат, и луѓе кои се остручиле во ЕВА, се вработиле и заработуваат натпросечно како резултат на вештините и знаењето кое го стекнале.

Вредеше ли да се инвестира во центарот во време кога сите бараат егзистенција "надвор"?

- Апсолутно. ЕВА има поголемо значење за мене од само обичен бизнис и егзистенција. Научена сум да заработувам за себе и за други уште од својата 18-та година, а претприемач сум од својата 26-та. Можам и имам образование, искуство и вештини да работам и егзистирам од различни сфери кои ги владеам и умеам. Но ЕВА е мојот избор. Центарот остава траен печат на животите на повеќето луѓе кои прошле низ него. За мене и за предавачите нема нешто повредно од тоа да образоваш, да водиш, инспирираш и отвараш можности за поквалитетен живот на луѓето. Тоа му дава на нашето постоење повисока смисла.

Какви афинитети препознаваш во Ена, има ли наследено од твоите музички? 

- Како поранешна музичарка знам да препознаам природен талент, а Ена е една од тие деца кои се обдарени. За нејзина возраст многу брзо памти мелодии, ги имитира интонативно точно, и музиката и' буди емоции. Се сеќавам уште пред да има година дена кога ќе и запеев некоја елегична македонска народна, и' се насолзуваа очите и правеше гримаса за плач, а ме следеше со внимание и не сакаше да прекинам. Сега оди на пијано во ЕВА и следи забавна комбинирана програма за музика и цртање за нејзина возраст и ја обожува својата наставничка. Тука сум да и' отворам опции, а таа да избере да го прави она што го сака и што ја прави среќна.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг