Научниците откриваат зошто во некои држави живеат голем број на 100-годишници: “Затоа што лажат за годините”

Точка

19/08/2019

14:10

3.302

Големина на фонт

а а а

Некои делови на светот, познати како “сини зони” како што е Окинава во Јапонија, Сардинија во Италија и Икарија во Грција се познати по големиот број “супер старци”, односно луѓе кои имаат повеќе од 110 години.

Често слушаме, читаме и гледаме интервјуа со некои од нив во кои тие ги откриваат мудрите тајни на својата долговечност. Некои од нив нè советуваат да пиеме по една чаша вино на ден, други ја должат својата долговечност на фактот што никогаш не биле во брак, и сето тоа е раскажано низ призмата на хуморот и опуштеноста. 

Но, во новата студија на научниците од австралискиот државен универзитет е откриено дека можеби нивната тајна на долговечност се крие во лошата бирократија, односно во измамата и грешките во податоците. Со тоа, сите тие “супер старци” можеби и не се толку стари колку што самите мислат, пишува “ATI”.

Оние кои доживуваат повеќе од 110 години се ретки примери од нашиот вид, а само еден од 1000 100-годишници доживува толку длабока старост. Ретката можност нешто такво да се случи покажува дека големата концентрација на таквите луѓе е по малку сомнителна.

И сега се прашуваме како голем дел од нив живеат токму во Јапонија, Италија и Грција и дали тоа се земјите во кои жителите просечно живеат подолго? Ако може да им се верува на научниците кои ја спровеле студијата, одговорот е не.

Внимателно анализирајќи ги сините зони, научниците го откриле токму спротивното – дека тоа се подрачја со висока стапка на криминал, пократок животен век и полошо здравство. Со тоа, тие дошле до едно необично, но всушност едноставно објаснување – за чудесно големиот број на 100-годишници, голем дел од вината паѓа на лошо организираната бирократија и грешките во документите и извештаите. Особено тоа се однесува на земјите кои се познати по тоа дека водат лоша евиденција за своите граѓани, кога се родени, кога починале итн.

Причината за толкавиот број на “супер старци” лежи и во кражбата на идентитет, односно измама во која поединец остварува пензиска, финансиска или друга корист. Сомнежот за такви грешки се јавил и во некои претходни случаи, а така е откриено и дека жената со име Џен Луиз Кламент, која во 1997 година наводно починала на 122-годишна возраст, всушност била нејзината ќерка Ивон.



Спонзорирани линкови

Маркетинг