Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би сакал „Г7“ да се претвори во „Г8“ со ново вклучување на Русија, откако оваа земја беше исклучена во 2014-та година поради анексијата на украинскиот полуостров Крим.
„Подобро е да ја имаме Русија. Многу теми за кои што разговараме се поврзани со Русија, би сакал да се вратат во Г8“, изјави Доналд Трамп и додаде дека би можел целосно да го поддржи враќањето на Москва доколку тоа биде предложено.
„Како што знаете, долго постоеше групата Г8 и претседателот Барак Обама повеќе не ја сакаше Русија затоа што тие беа попаметни од него“, изјави Трамп.
Земјите членки на „Г7“ (Германија, Канада, САД, Франција, Италија, Јапонија и Велика Британија) ќе се состанат оваа седмица на југозападот на Франција на самитот кој најверојатно ќе мине во тензична атмосфера поради несогласувањата на Трамп и сојузниците за бројни теми, меѓу кои Иран, Сирија и Парискиот климатски договор.
Претседателот на САД исто така понуди и посредување во „експлозивната ситуација во Кашмир“.
„Кашмир е многу комплицирано место. Таму се хиндуси и муслимани и не би рекол дека се согласуваат“, изјави американскиот претседател и додаде дека ќе даде се од себе за да посредува.
Трамп во понеделникот изјави дека телефонски разговарал со индискиот премиер Моди и пакистанскиот премиер Кан и ги поттикнувал за намалување на тензиите во Кашмир.