Татјана Алексиќ: Хипокризијата води кон дупло дно

Точка

02/09/2019

11:03

5.908

Големина на фонт

а а а

Живееме во време кога да се постигне „успех“ или посакуваната цел, па и не се потребни памет, труд, време, а замислете ни пари, колку дволичност која постои каде и да се свртите. Хипокризијата може да ви помогне да си ги остварите сите ваши мечти, но на краток рок секако.. Прашањето е до кога? Додека не паднат маските? Да го оставиме успехот на страна, колку пријатели имате со кои можете без маски да разговарате?

Живееме во време кога секој се прашува што ли се крие позади оваа насмевка, попрво се сомневаме, отколку што мислиме дека некој добронамерно не поздравува. Се плашам дека веќе и децата така се задојуваат. Каде води сето ова? Професорката Татјана Алексиќ вели кон дупло дно. Г.Стефановски ни го предочи преку истоимениот драмски текст : Дупло дно е подрум во главата. 

Што придонесе да живееме во време на хипокризија?

- Моќта на парите и хиперкапиталистичкиот систем се фотосинтеза за хипокризија. Создаваат оптимални услови за развивање на полтрони, камелеони, аморфни ликови кои често менуваат бои или дресови кон победничкиот тим. И сѐ е во име на парите и моќта, тука нема место за љубов, почит и искреност, сите добиваат нови одежди и маски на мимикрија. Терминот хипокризија води потекло од древната Грција и Хипокрит, актер кој добро знаел да глуми различни карактери, но и надвор од сцената заради личен интерес. Една од најсимпатичните приказни за лицемерниот свет на возрасните е приказната ,,Царовото ново руво" , кога двајца измамници ја користат суетата и глупавоста на царот да му скројат облека која може да ја видат само умните. Целото царство паѓа на блефот, а ла “Ревизор” на Гогољ, се додворуваат и восхитуваат на царот соголен до гаќи, на сила се преправаат дека гледаат вистина во лага, затоа што се сите со двоен морал, поткупени, условени, продадени... Сите освен децата ! Каде има најдобри услови за развој хопокризијата кај кои човечки умови? Кај извалканите по било кој услов. Се збогуваш ли еднаш со моралот, лесно влегуваш во друг. Сѐ повеќе антиемпати , луѓе без никаква грижа на совест, чувство на вина и препознавање емоции кај другите..Сѐ повеќе материјално деградирани луѓе кои забораваат на духовноста сведени на гола егзистенција...Тоа се оптимални услови за развој на хипокризија во мирнодопски услови и немаме никакво оправдување за таква морална деградација. Моќта на парите не расипува, таа покажува кој е расипан!


Дали луѓето не се подготвени да и погледнат на реалноста во очи, па поубаво им доаѓа кога "им мачкаат очи"?

- Од луѓе до луѓе различни човеци и секој со својата перцепција. Ќе си дозволам да зборувам за својата, која останува неразнишана и покрај многуте непријатности и разочарувања и како просветен работник и како човек. За мене сѐ уште само добар човек е човек, им се радувам на добрите, се обидувам со цело срце да допрам до луѓето чии срца отврднале од животни страдања, погрешно воспитување и недостаток на љубов. Сѐ повеќе личам на Кандид, но свесна сум за тоа и без розови очила гледам добро и каде го нема. Карактерот е посилен од интелектот. Но, умеам ,,актерски" да ја искритикувам секоја власт и сечија постапка ако ја сметам за недолична, на свој автентичен начин без да стравувам дека ќе ми се ,,удри од глава" .

И што се случува кога ќе паднат маските, остануваат само ниските вредности, трулоста?

- Нови маски ги заменуваат старите, се вадат спремни од ракав, од џеб, од соседот, ,,има се - може се". Политичката хипокризија е нашето повеќедецениско реалити шоу каде се менуваат актери со истите маски кои никако да се изабат и истрошат. Направени се од лицемерие, супериорен и отпорен материјал колку и бубашвабите, адаптибилни во секакви услови.


Живееме во време "тешко тебе ако си искрен", ќе си ја платиш цената?

-,,Нашите животи почнуваат да завршуваат оној ден кога ги премолчуваме важните работи " - Мартин Лутер. Мнoгу е важно е да се разговара, да се создадат услови за дијалог и повратна комуникација во вистински час, инаку наталожените и премолчените проблеми создаваат горчливи голтки непремолк. Некогаш и некаде ќе експлодираат и обично таму каде не треба, секогаш страдаат недолжните. Човечки е да се биде искрен, да си ги кажеш чувствата, ставовите, размислувањата и да останеш свој на своето без страв дека нема да те разберат. Но, искреноста не треба да се сфати како ,,плескање на сѐ во лице" или кажувам сѐ ,,без влакно на јазик " . Тоа води кон дрскост и невоспитаност, никој нема право да навредува, а притоа да е убеден во својата исправност и искреност. Тогаш озборувањата би биле ,,искрено" пренесување информации за другите, ширење дезинформации, фејкњуз, хејтање, булинг, мобинг и слични алатки на масовната хипокризија. Впрочем, тоа и ни се случува, ,,искрените вистинољупци" напаѓаат за да го тргнат товарот на сопственото лицемерие и лажно претставување во јавноста.

Кон каде води целата оваа хипокризија која ја има во сите пори на општеството?

-Таму каде што сме во моментов, во дуплото дно кое Г.Стефановски ни го предочи преку истоимениот драмски текст : ,,Дупло дно е подрум во главата.Таму ги криеме сите дупли планови, таму се сите скришни прељуби, сѐ што сме премолчиле, што намерно сме заборавиле, таму е јасно кого колку мразиме, таму ја криеме сета невера за она во кое јавно се колнеме дека веруваме...Таму се складишта на суета и страв, нашиот мрак и пораз, таму сме без шминка, без вештачка вилица,без мидери, таму сме грди. Меѓу тоа ѓубре и отпад во нашата глава во длабок сон лежат оковани нашата вистина и слобода, нашата невиност и човечко достоинство.Такви дна имаат и државите и цивилизациите, никој не ги чисти. Растат...Во дуплото дно се шверцуваме самите себе си, си го гледаме својот сопствен шверц...Историјата на светот е историја на дупнати дна. Еден ден дното и дуплото дно конечно ќе се спојат. Тогаш веќе ќе нема душевно болни и терористи ".

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг