Мајк Штрауметис, попознат како Биг Мајк е убеден дека нашата земја може да излезе од криза и да направи бум во бизнисот со канабисот.
Биг Мајк објави видео од средбите со премиерот Зоран Заев на својот профил на социјалната мрежа „Инстаграм“ и порача дека Македонија која изобилува со вредни и паметни луѓе, има огромен потенцијал за развој на бизнисот со канабис.
Тој оствари средби со премиерот на Македонија, министри, градоначалници и бизнисмени и порача дека бизнисот со марихуана би можел да отвори 40 илјади нови работни места.
„Земја на чиста убавина. Земја со уникатна историја. Македонија е полна со вредни и интелигентни луѓе подготвени за промена. Канабисот може да биде таа промена. Со околу 40 илјади потенцијални нови работни места по легализацијата, постои огромна можност за Македонија - само ако го сторат тоа правилно. Затоа, разговарав директно со премиерот за фер лиценцирање на канабисот и како да се создаде јасен пат до европскиот пазар“, вели Биг Мајк.
Штрауметис додава дека канабисот може да спаси животи и да ги извлече земјите од „мрачните времиња“, нагласувајќи дека веќе го видел тоа „од прва рака“.
„Ако сакаме канабисот да биде прифатлив и секојдневен дел на човештвото, треба да му ја покажеме неговата вредност на светот. Луѓето и компаниите исто така треба да започнат да разговараат со надлежните и да ги поддржуваат новите канабис заедници“, порача Мајк.
Биг Мајк е сопственик на компанијата „Адвенс Нутриентс“ која е формирана пред 20 години во Канада. Денес, неговата компанија е светски лидер во продажбата на продукти од канабис и бележи продажба во повеќе од 93 земји.