Един Хајдарпашиќ ве носи во бајковитиот Гитхорн

Точка

13/09/2019

10:33

8.975

Големина на фонт

а а а

„Во живо е поубав отколку на репортажи и фотографии“ вели презентерот Един Хајдарпашиќ за местото нарекувано холандска Венеција. Соседите на кафе си одат во чамци, а автомобилите ги паркираат пред влезот во селото. Има преку 100 мостови кои го поврзуваат едниот и другиот дел. Куќичките и целиот амбиент потсетуваат на бајка, дури за неверување дека се уште постои недопрена природа од човечката рака која ако може се би претворила во бетон. Уживајте во бајката-реалност, низ која ќе ве води!

Колку е оддалечено од Амстердам и со што се стига до таму?

- Гитхорн е мало место оддалечено околу 100 км од Амстердам, во северниот дел на Холандија, може да се стигне со сите превозни средства, земјата е одлично поврзана; јас лично патував со автомобил, и тоа би го препорачал. Има доволно паркинг простор пред и околу селото, па и покрај релативно големиот број туристи годишно, има доволно место за сите посетители.

Ако низ селцето се плови само со чамци каде ги паркираат автомобилите?

- Гитхорн затоа го носи и името Холандска Венеција, испреплетен е со канали и само преку нив во минатото локалните жители комуницирале. Тука се и бројните дрвени мостови, преку 100. Пеш го поминавме целото место, адаптирано е така да можеш да одмориш во кафуле или на клупа, но од пред 30 години и тука ја развиле велосипедската мрежа, па вистинско задоволство е кој има прилика да го прошета целото место и со велосипед. Автомобилите се паркираат пред влезот на местото, пред почетокот на каналите, додека жителите влегуваат и повнатре паркирајќи ги возилата од десна страна од селото (лево е мрежата од канали)

Колку е изнајмување чамец и во кој период од годината е најдобро да се посети?

- Сосема очекувано е дека во летниот период местото е најпосетено, имаше туристи од секаде, но најпривлечна локација мислам дека им е на посетителите од Азија. Јас кога бев при крај на Август доминираа туристи од Малезија и Кина, дури беа заинтересирани да купат некој од имотите. Како период за посета, верувам дека иделно би било во Мај, Јуни, тогаш паралелно со посетата на Гитхорн може да се врзат и неколку други атракции, актуелни токму во тој период во Холандија. Врвот на искуството таму, е прошетката со чамецот, еден час за некои ако не се лажам 20 евра. Со чамец сте во непосредна близина на куќите и дворовите кои се неверојатно уредени до најситен детал.

Секогаш има доволно чамци?

- Речиси сите канали се поврзани еден со друг, но има и одредена рута и мапа која ја добивате со изнајмувањето на чамецот, и до која треба да се држите за максимално да ги видите сите страни на Гитхорн. Чамци има секогаш доволно, со електрични мали мотори се, така да брзината е минимална, а управувањето многу едноставно, па требаат 5 минути за навикнување, а потоа ќе крстарите со самодоверба. По поминувањето низ каналите рутата ве води низ големото езеро со кое се споени каналите.

Со што се занимаваат мештаните?

- Верувам дека некогаш се занимавале со вообичаени активности за луѓе кои живеат на периферија, но по тоа што можев да забележам во денешни услови, или се пензионери кои со гордост уживаат во својот рај, или пак ако се помлади некои куќи беа адаптирани во мали кафетерии или музеји, така да преубавиот имот им носи и добри приходи

Традиционален специјалитет, пијалок?

- Немаше нешто што би издвоил специфично токму за Гитхорн, понудата за јадење во главниот павиљон среде езеро, каде поголемиот дел од туристите одмораат, беше вообичаена како во другите делови на Холандија.

Зошто ти беше предизвик да го посетиш?

- Неколку пати на интернет, со години наназад се среќавав со Гитхорн, како уникатно место вредно за посета, како Холандска Венеција, ме фасцинираше, верувам како и сите други, таквиот зачуван изглед од минатото, но со модерен пристап кон туристите, и тоа што чамците се прикажуваа како превозно средство, таа егзотичност во срцето на Холандија беше и причина за посета. Она што е важно, е што местото е уште поубаво во живо и дефинитивно го препорачувам.

Има ли млади луѓе?

- Млади луѓе има меѓу туристите, но сепак не доминираат, верувам тоа е така и поради осмисленоста на самото место, за таков туризам се работи, сепак е тоа зона во која луѓето живеат и дошле да го најдат својот мир, бројот на туристи тоа може да го наруши, мислам дека веќе има иницијатива за ограничен број на туристи на годишно ниво. Понудата за млади е ограничена; ако мислиме на гласна музика или некоја атракција со голема публика тоа таму нема да го видите, Гитхорн е место за релаксација.

Како пазарат?

- На слики Гитхорн изгледа како одделен дел од цивилизацијата, со сопствен превоз и посебен начин на живот, сепак тоа е едната страна она која ја доживуваме како туристи, во реалноста веднаш до Гитхорн се други места, во непосредна околина кои функционираат вообичаено и мрежата на канали е послаба, таму се и маркетите и хотелите.

Може ли да се отседне таму и колку чини сместувањето?

- Хотелите се популарни, иако се и тие адаптирани на идиличната средина и не се огромни со голем капацитет. За два, три дена, може се да се види и да се прошета, престојот е некаде околу 70 евра за ноќевање, при што некои од куќите/имотите се адаптирани во преноќишта и тие се дури и поскапи, бидејќи спиете во некоја од куќите кои сте ги гледале на слики. 


(А.В.)



Спонзорирани линкови

Маркетинг