„Роскосмос“ се вооружува: Руските астронаути добиваат модерни вселенски пиштоли, а причината е бизарна

Точка

19/09/2019

18:45

3.853

Големина на фонт

а а а

Директорот на руската вселенска агенција „Роскосмос“, Дмитриј Рогозин најави дека огненото оружје ќе стане составен дел од пакетот за преживување на нивните астронаути до 2021-ва година.

Проектот моментално е во фаза на тестирање, а на Балтичкиот државен Универзитет „Военмех“ од Санкт Петерсбург денес беше претставен повеќецевниот, повеќенаменски вселенски пиштол чија што верзија ќе отпатува во вселената заедно со руските астронаути.

„Поради фактот што повеќето летови се префрлаат од космодромот „Бајконур“ на „Восточни“, кој се наоѓа во слабо населено шумовито подрачје, астронаутите сега се заинтересирани оружјето да биде комплетно“, изјави Рогозин.

Тој интерес го потврди и Олег Кононеко, шеф на одредот на астронаути, а како што може да се заклучи од неговата изјава, оружјето е наменето за евентуална употреба на Земјата, а не во вселената.


„Кога капсулата се враќа на земјата, таа може да падне на било кое место на планетата. Во теорија, тоа може да се случи и на тешко достапни подрачја, па ќе ни треба посебен нож за изградба на засолништа. Освен тоа, ќе ни биде потребно и огнено оружје, затоа што таму би имало диви животни“, изјави Кононеко.

Руски мечки...

Тоа всушност и се има случено во 1965-та година, кога двајцата астронаути Алексеј Леонов и Павел Белајев принудно слетаа во сибирската тајга.

Со оглед на тоа што теренот беше тешко достапен, спасувачките екипи не можеле да реагираат за брзо, па така астронаутите морале да останат неколку дена во тајгата. Тие изградиле засолниште, но имале „проблем“ кога им се приближиле мечките. Со оглед на тоа што била рана пролет, мечките биле гладни и агресивни, па астонаутите морале да се бранат.


За среќа имале пиштол „Макаров“ кој тогаш бил дел од стандардната опрема која што ја имал и познатиот Јуриј Гагарин. Причината за носењето на пиштол била „заштита од диви животни и криминалци“, но во пракса пиштолот не им бил од некаква корист.

„Единственото нешто што можевме да го направиме со „Макаров“ пиштолот беше - да се застреламе“, изјави Леонов кој се смета за главниот виновник што Русите подоцна создадоа посебно оружје за астронаутите.

Пиштол со три цевки

Русите подоцна започнале да проектираат специјален пиштол за астронаути и бил развиен познатиот троцевен пиштол "TP-82". Овој пиштол во тоа време бил вистинско „технолошко чудо“.


Покрај тоа што служел за „заштита од мечки и крадци“, бил корисен за лов и за лансирање на сигнални ракети. Исто така има интересно решение за кундакот кој всушност бил мачета, а кога преку неа ќе се ставела цврста навлака, тогаш "TP-82" се претворал во пушка.

Започнал да се користи во 1986-та година кога астронаутите го понеле во вселената во текот на советско-француска мисија. Се произведувал до крајот на 80-тите години, а според некои информации Советите потоа престанале да го произведуваат затоа што имало доволно количини или пак им недостигале парите.

Колку што е познато, до 2007-ма година пиштолот бил повлечен од употреба затоа што на куршумите им истекол рокот на траење. Руските астронаути сега користат „Макаров“, а од 2021-ва ќе добијат најмодерни вселенски пиштоли.



Спонзорирани линкови

Маркетинг