Се смета дека Еритреја е држава во која луѓето немаат никаква слобода, политичка или религиска – сепак станува збор за еднопартиска држава во која владее претседателот Исајас Афеверки откако официјално стекна независност од Етиопија во 1993 година.
Владата ги укина противничките партии и локалните приватни мeдиуми, а потоа и ги затвори критичарите (за некои од нив не се слушнало со години), додека на младите им е наметната воената обврска.
Токму од овие причини, голем дел од жителите се одлучиле да ја побараат својата среќа надвор од границите на оваа држава. За жал, многумина загинале обидувајќи се да ја преминат Сахара и Средоземното море за да дојдат до Европа.
Единствената телефонска мрежа “EriTel” е во сопственост на државата. Сервисот кој таа го овозможува е исклучително лош и строго контролиран, а сите кои сакаат да набават картичка, мора да се обратат директно до владата на државата. Ретко кој добива картичка, а оние на кои ќе им се посреќи, немаат добар сигнал ниту пристап до интернет. Затоа, луѓето се ослонуваат на телефонските говорници.
Луѓето ретко користат интернет преку WiFi, а и оваа врска е многу бавна и слаба, а за користење на социјални мрежи мора да вклучат приватна виртуелна мрежа (VPN) за да ги заобиколат цензурите кои ги поставила владата.
Владата ги ограничила и количините на пари кои луѓето можат да ги подигнат од своите банкарски сметки. Дури и ако на нив имаат милиони, месечно смеат да подигнат максимално 330 долари, и тоа само преку банка бидејќи во Еритреја не постои ниту еден банкомат.
Доколку сакаат да купат автомобил, секој месец мора постепено да повлекуваат пари од сметката за да успеат да ја соберат целосната сума која е потребна за плаќање.
Единствена ситуација која се смета за вонредна за подигнување пари е венчавка. Во тој случај, мора да се поднесе молба до банката за да дозволи подигнување на поголема сума на пари.
Доколку некој сака да гледа телевизија, ќе се помири со фактот дека ќе гледа само една телевизиска станица. Станува збор за државната телевизија “Eri-TV”. Меѓутоа, доколку некој набави антена, може да се обиде да фати сигнали од други телевизии како што се “Asena TV” и “ERISAT”, но и “BBC”.
Еритреја има само една пивара во која до неодамна било дозволено да се испијат само две пива. Отворена е во 1939 година и до ден-денес нема конкуренција. Сите оние кои сакаат да испијат повеќе пива, со себе ги водат своите пријатели и познаници кои не пијат за да можат да испијат некоја чаша пиво повеќе.
“Функционален пасош звучи како остварување на соништата”, е мислењето на сите млади луѓе во оваа држава. Тие очајнички сакаат да ја напуштат Еритреја, но тоа не успева во сите случаи. Жителите добиваат исправни и валидни пасоши дури откако ќе отслужат воен рок и ќе добијат писмо за потврда и препорака за пасош. Тоа е процес кој трае со години и кога истиот ќе заврши, мажите обично веќе имаат 40 години, сопруги и деца.
Но, самото добивање на пасош не значи дека може да се напушти државата – за тоа е потребна посебна виза која ретко кој јa добива бидејќи Еритреја стравува дека луѓето нема да се вратат откако ќе излезат од нејзините граници.
Токму затоа, стапката на илегално иселување од државата е многу голема, а младите постојано бараат начини како да го напуштат својот дом.