Фрламе храна колку цело Кочани да јаде цела година

Макфакс

15/11/2019

19:14

3.632

Големина на фонт

а а а

Според податоците на Заводот за статистика, третина од населението во земјата не може да си дозволи три оброка дневно, додека голем е процентот на расипништво, односно на оние што фрлаат храна.

Од Банката за храна, која е основана во 2011 година, преку 21 организација во 15 града, се обезбедува храна за најранливите социјални групи. Основач и претседател на оваа банка е Душко Христов, кој вели дека од почетокот кога банката успевала да обезбеди 1 тон храна годишно, денес успева да акумулира 200 тони храна, која стигнува таму каде што е најпотребна. Според него, итно треба да се изгласа новиот закон со кој ќе се овозможи компаниите да бидат мотивирани да донираат храна, а со постојната регулатива ним сега повеќе им се исплати храната да ја фрлат на „Дрисла“.

„Додека 30 отсто од населението се справува со глад, во Македонија се фрла храна во количина колку град како Кочани да јаде цела година. Мора да им се подигне свеста и на компаниите и на индивидуалците за да станеме ефикасни во битката со сиромаштијата. Сепак, важно е да се изгласа новиот закон со кој компаниите ќе бидат мотивирани да донираат храна“, вели Христов.

Христов вели дека кај нас нема дефиниција за тоа што е вишок храна и сигурно е дека има доволно производство за да нема гладни, но начинот на донација и редистрибуција треба да стане поефикасен. Тој тврди дека претседателот на државата, Стево Пендаровски, му ветил дека ако е потребно, на располагање ќе биде и војската кога станува збор за организирано разнесување на потребните пакети со храна.

„Се случува да треба да се однесе пакт со храна за едно лице во некое место и излегува дека транспортот до таму чини повеќе отколку целата пратка. Проблемот со вмрежување и дистрибуција на храната е голем, но секако решлив доколку се има слух за проблемот. Има компании што со своите возила со кои разнесуваат производи до маркетите се нудат да превезат и пакети од банкката за храна“, вели Христов.

И натаму е голем проблемот да се стигне до реалните бројки и списоци на луѓето на кои им е потребна помош.

„Се обидуваме преку општините да добиеме точен список на луѓе што се социјално загрозени. Но, овие списоци не се обновени, па се случува да дистрибуираме храна за веќе починати лица. Општините треба повеќе да се ангажираат за да ни помогнат да стигнеме онаму каде што е најпотребно“, вели Христов.

Минатиот месец на тркалезната маса со наслов „Како да го одржиме системот за донација и редистрибуција на вишокот храна“, организирана во рамките на „ВСС ефект проектот“, финансиран од Европска Унија, првпат на Балканот присуствувале претседателот и генералниот секретар на Европската федерација на банките за храна – ФЕБА, г. Жак Мари Ванденшрик и г-ца Ангела Фриго.

„Искуството на ФЕБА и најдобрите европски практики беа претставени пред многуте присутни од речиси сите засегнати страни, кои мораат да одговорат на феноменот и проблемот со расипништвото на храната наспроти сè поголемата сиромаштија и гладoт кои се присутни во нашето општество. Нивното присуство и презентации побудија значајна дискусија во поглед на Законот за донирање вишок храна, на кој се работеше од крајот на февруари до крајот на јули оваа 2019 година, а во која работна група и ние како организација бевме вклучени. Информацијата за законот е закачена на ЕНЕР и очекуваме дека до крајот на годинава ќе биде изгласан“, вели Христов.



Спонзорирани линкови

Маркетинг