Душко Чифлиганец: Во Дубаи постои една политичка партија – бизнисот

Точка

22/11/2019

10:04

13.661

Големина на фонт

а а а

Дубаи те поттикнува да размислуваш „на големо“- вели Душко Чифлиганец. Тој студирал таму Економија и бизнис. Покрај тоа што е насочен кон градежништвото како семеен бизнис, мошне посветено работи и на бизнисот во Дубаи.

Токму при престојот таму почнува нов бизнис кој нема врска со градежништвото и кој е причина да е на релација Скопје-Дубаи до ден-денес. Личните и професионални искуства од Дубаи ќе ги сподели токму со вас читателите на Точка. 

Зошто изборот за студирање беше Дубаи? 

- Веројатно Ви е познато дека семејството Чифлиганец веќе 18 години се занимава со градежништво, поточно висока градба како наш примарен бизнис, а пред десеттина години кога јас се одлучив за Дубаи, тоа беше нашиот единствен бизнис. Доколку зборуваме за градежништво, знаеме дека ниту еден град во светот не може да го понесе приматот на Дубаи. Дубаи во поглед на градежништвото е приказна за себе и неприкосновен шампион. Поаѓајќи од тоа, и мојата желба да црпам инспирација од најдобрите во сферата на нашата професија, Дубаи се чинеше логична одлука. Не знам точно каков е трендот денес, но, во периодот кога јас бев во средношколските клупи, децата кои имаа услови и аспирации да студираат во странство, најчесто се одлучуваа за дестинации во Европа или во Америка. За мене лично, тие дестинации претставуваа развиени и истражени пазари и економии. На секој зрел пазар условите се тешки доколку по завршувањето на студиите имаш желба да започнеш со бизнис и да создадеш нешто иновативно, што би се етаблирало на пазарот. Истовремено, во текот на минатата деценија и на почетокот од оваа, Дубаи важеше за најбрзорастечки град во светот. Мотивиран од овие фактори и фактот дека обожувам сончеви и топли денови, заминав на студии на Американскиот универзитет во Дубаи, иако претходно никогаш го немав посетено Дубаи, молејќи се дека народот не погрешил кога ја измислил поговорката дека Храбрите ги следи среќа!   

Што нуди нивниот образовен систем, а во нашиот го нема? 

- Ова е доста широка тема, и за жал, за да дадам искрен одговор, би морал да бидам брутално критичен кон нашето образование. Во Дубаи сите универзитети се приватни, така што не би било адекватно да ги споредувам со нашите државни унверзитети, меѓутоа, ќе ги набројам предностите кои ги нуди образованието во Дубаи. Јас студирав Економија и бизнис. Тоа што најмногу ми остави впечаток беше колку академската програма беше во тек со тогашните најнови светски економски и бизнис случувања и трендови. Ниту еден учебник по кој учевме не беше постар од две години. Сите примери што ги изучувавме беа актуелности од светските збиднувања. Натаму, имавме многу практична настава. Факултетот ни обезбедуваше практична настава во мноубројни државни институции каде што имавме прилика да го аплицираме наученото и многу прецизно да споредиме што значи „теорија” наспроти „реален сектор”. Најважно, секоја година универзитетот организираше таканаречен Саем на кариера, кадешто многубројни компании од Дубаи и пошироко беа дојдени да се запознаат со студентите во потрага по нови кадри. Овие саеми вродуваа со вистински плодови, каде доста голем дел од квалитетните студенти наоѓаа работа уште пред завршувањето на студиите. За жал, мислам дека сите овие аспекти длабоко изостануваат од методологијата на нашите образовни институции.     

Колку чини студирањето? 

- Сè што е добро, веројатно не е ефтино. Мојот универзитет важи за еден од најпрестижните во Обединетите Арапски Емирати, а и во регионот на целиот Блиски Исток. Една година школување чинеше околу 20 000 американски долари. Цената незначително варира, во зависност од смерот кој се изучува.  

Со какви знаења се стекна? 

- Во доменот на смерот економија и бизнис кој го изучував, се стекнав со сите неопходни микро и макроекономски знаења и уште поважно, со апликативната примена на истите во реалната бизнис средина. Тоа што ми остави дополнително позитивен впечаток беше квалитетот на факултативните предмети и нивната компетентност во денешната работна средина. На пример, меѓу другите интересни факултативни предмети, јас три години изучував: Менаџмент во креирањето недвижности, Психологија во бизнисот и Јавно говорење. Овие предмети ми всадија суштинско и за мене круцијално знаење, што почнав активно да го применуавам од мојот прв работен ден, ми дадоа значителна предност во работењето и засекогаш позитивно ме променија како деловна личност. Исто така, факултетот постојано организираше трибини на кои познати, реализирани и светски докажани личности, како поранешниот американски претседател Бил Клинтон, владетелот на Дубаи Шеик Мохамед бин Рашид или раперот 50 cent, држеа мотивациони говори споделувајќи ги алатките, тајните и рецептите позади нивните успешни животни приказни, а ние како студенти имавме прилика директно да разговараме со нив. Верувам дека овие Out of the Box, нетрадиционални академски алатки со кои се служат тамошните образовни институции, се исклучително важни и едукативни во денешната деловна средина, која постојано еволуира, каде што постојано мораш да останеш мотивиран и да бидеш со чекор со времето и глобалните трендови, што е поважно од било кога.

Што значи да се живее таму, какви трошоци подразбира тоа?  

- Да се поминат неколку години активно во Дубаи значи многу. Дубаи можеби е поголем учител од било кој факултет. Дубаи е град кој неповратно те учи to think big! (да размилуваш „на големо“). Во Дубаи што и да се прави, тоа мора да биде најдобро, најголемо или било кој друг суперлатив што може, а и не може да Ви падне на памет. Во спротивно, воопшто не вреди да се прави. Град со огромна диверзификација, каде живеат сите националности од светската мапа и бил пустина. Град каде амбицијата значи живот. Град каде зборот политика не постои, туку постои една заедничка партија која сите безусловно ја поддржуваат, а таа е бизнисот!  

Трошоците за живот во Дубаи воопшто не се скромни. Иако условите да заработиш се добри, живеењето во Дубаи, неопходните трошоци и уште повеќе, трошоците на нештата кои би сакале да си ги дозволиме поради задоволство, се големи. Цената на изнајмување просечен еднособен стан на добрите локации во Дубаи, чини околу 20.000 американски долари годишно. За студентите исто така има опција тие да се сместени во студенстки дом, што не чини повеќе од 2.000 долари на годишно ниво. Основните трошоци за добар живот за едно лице би биле околу 2 000 долари месечно, а секој луксуз се плаќа неколкукратно повеќе од тоа. Морам да напоменам дека последните неколку години Дубаи се соочува со економски неповолности, односно со економска криза, што се рефлектира длабоко врз деловната средина, бизнисите, можностите и условите за работа, цените и закупнините на недвижностите итн.  

Како дојде до идеја да започнеш бизнис таму, за што станува збор? 

- Кога живееш во Дубаи, средината и опкружувањето, без исклучоци, ти наметнуваат да размислуваш за бизнис. Почетокот на оваа деценија беше златно доба за бизнисите во Дубаи. На сите им одеше добро, сите бележеа растечки профити, сите размислуваа за следниот потфат. Па, така и јас како студент, не бев скромен во моите идеи и планови. Кон крајот на моите студии, ја запознав мојата денешна голема пријателка и воедно бизнис партнерка Катарина, чија беше всушност идејата за почнување на бизнисот во кој сме инволвирани денес. Се работи за увоз и дистрибуција на органска, безглутенска, генетски немодифицирана, пробиотска и други видови здрава храна. Увезуваме околу 2000 производи претежно од Америка и Европа и ги дистрибуираме низ регионот на целиот Блиски Исток. Како фирма, имавме силен почеток, пред сè, благодарение на претходното длабоко искуство и знаења на мојата бизнис партнерка во прехранбената индустрија, како и одличното познавање на навиките на потрошувачите во регионот. И покрај сите предизвици кои ги носи денешниот динамичен деловен амбиент, имаме големи амбиции за иднината.    

Кои се условите за бизнис? 

- Дубаи, може да се каже, дека е прилично предизвикувачка средина за водење бизнис. Некои формалности поврзани со државните и општинските институции, знаат да бидат исцрпувачки додека да ги завршиш. Исто така, трошоците со кои компаниите се соочуваат при работењето по основ на административни услуги, лиценцирање и документација, се прилично големи. Неколку работи што сметам дека се вредни да се знаат околу водењето бизнис во Дубаи се: за да поседувате компанија во Дубаи мора да имате 51 % учество во сопственичката структура од локален партнер, односно од Емираќанин (постојат слободни економски зони каде што не важи ова правило, меѓутоа условите за работење на тие компании се ограничувачки), данокот на додадена вредност (ДДВ) е 5 % (до почетокот на оваа година немаше ДДВ воопшто), данокот на добивка е нула. Мое лично видување е дека кон почетокот на 2000-те години, Дубаи бил таканаречен virgin market, односно пазар каде се уште не биле адресирани сите потреби на граѓаните, немало големи, етаблирани играчи во различните бизнис сфери и бил пазар со континуирано драстичен раст. Во тие прилики, имало доста интересни дејности со голем неискористен потенцијал. Низ годините потоа, полека, компании од целиот свет го препознаваат потенцијалот на овој пазар и ги заситуваат сите различни видови на побарувања на пазарот. Исто така, двете економски кризи низ кои Дубаи помина и сеуште поминува во последните десеттина години, имаа значителен ефект. Меѓутоа, не сакам да бидам сфатен погрешно. Во Дубаи сеуште има простор за бизнис и потенцијал за добивка, но можностите се можеби поограничени од тоа што биле во минатото и од тоа што повеќето луѓе би го очекувале.    

Стекна ли пријатели со кои до ден-денес контактираш за време живеењето таму, од каде се, се роди ли некоја љубов можеби? 

- Со сигурност сметам дека мрежата на пријатели која ја развив за време на моето студирање во Дубаи е мојата најголема придобивка од целото тоа искуство. Во факултетските клупи стекнав многу пријатели, остварив многу контакти со кои имам прекрасни и забавни спомени, со кои денес сум уште поголем пријател отколку тогаш, кои ми помогнале во многу, за мене клучни приватни и професионални работи во тамошната средина. Најважно од сè, тоа се луѓе кои со мене го делат истиот претприемачки дух, желбата за успех, амбицијата за создавање и зрелоста во бизнис размилувањето. Што се однесува до љубов…. Хехехе, таму не. Во тоа време имав неколку врски со девојки од Македонија.     


Кое ти е омилено место во Дубаи кое те опушта? 

- Не би можел да одвојам едно единствено омилено место. Дубаи има многубројни преубави модерни знаменитости (повеќето од нив се рекордери во некоја категорија во гинисовата книга на рекорди), разиграни барови на плажа, убави и пријатни ресторани со прекрасна храна, места каде што можеш релаксирано да се прошеташ (секако не во летниот период, кога температурата е над 50 степени целизиусови).. Карактеристично за Дубаи е тоа што постојано се отвораат нови места и се создаваат цели нови населби или простори за шетање и разгледување.   

Лесно ли се адаптираше на еден сосема различен менталитет, традиција, култура...? 

- Се согласувам дека се работи за сосема различен менталитет и култура. Меѓутоа, карактеристично за Дубаи е тоа што речиси сите култури од светот се присутни таму, има огромна диверзификација, секоја националност има внесено по некој свој елемент во општеството и ниту една традиција или начин на живот, не е наметнат врз другите. Со еден збор, секој жител на Дубаи вметнува по нешто свое во средината и мислам дека лесно се воочливи влијанијата од сите заастапени различни видови на култура, менталитет или традиција. Секако, постојат правила кои се изведени од стриктните верувања на Исламот, на кои им оддаваат огромна важност и кои од сите се очекува да ги почитуваат.  

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг