Сузана Блажевска: Сиромашни, а среќни - еве која е тајната!

Точка

02/12/2019

10:58

6.127

Големина на фонт

а а а

Почна да се чувствува „мирисот“ на зимата, но ние одлучивме денеска да ве однесеме на еден остров со тропска клима, каде во ноември температурата е 30-тина степени - заедно со Сузана Блажевска.

Атмосферата дополнително ја загреваат салсата, румбата, мамбото, а пред се топлиот, срдечен народ кој ќе ве пречека таму. Дури и делфините се брзи, но внимателни да не ве повредат. Сиромашни, а среќни! Сузе ви ја открива тајната на нивната среќа. 

Пури, латино танци како стил на живот, мохито, рум, бели песочни плажи, традиција, култура, полиња со шеќерна трска - тоа е Куба!

За колку време се стигнува до Куба, како најбрзо и колку чини билетот? 

- Патот до Куба е долг. Патувавме со авион од Скопје до Истамбул, а од таму до аеродромот „ Хозе Марти“ во Хавана. Патот траеше околу 20 часа со трансфери и чекање на аеродром. Назад беше подолг летот, но летовите се многу мирни и пријатни . Временската разлика е 6 часа, односно тие се 6 часа поназад од средноевропското време (комплетниот аранжман и патот беа заедно пресеметани така што не ми е познато колку чинеше патот, а колку престојот во хотелите).

Таму каде танцот и музиката се стил на живот, нема простор за стрес - сите играат салса? Игравте и вие?

- Куба е земја каде што танцот и музиката се стил на живот, а kубанската музика е богата и е еден вид симбол на кубанската култура. Tука се свири и игра салса, румба, мамбо и ча-ча-ча. Речиси не е можно, а да не се препуштите на музиката и танцот. Јас многу го сакам танцот, но тука тоа беше навистина кулминација, музиката ја слушате секаде, на улица, во ресторани, кафулиња, во хотелите… Секогаш е жива музика, а Кубанците секогаш се расположени да ви ги покажат основните чекори само да се вклопите во ритамот на танцот. На плажа инструкторите цел ден правеа забава со танц. Едноставно ритамот ве носи, телото се движи, а душата ви ужива. Безгрижните Кубанци секогаш се добро расположени, услужливи и многу позитивни и ви овозможуваат да се чувствувате како дома.


Различно ли е „мохитото“ таму и овде?

- „Мохитото“ е коктел кој најмногу се пие во Куба и е многу слично по вкус како кај нас. Тие го пијат многу, а во некој кафулиња го служат дури и во кригли. Но, најпознатото„ мохито“ кое го дегустиравме беше во ресторанот “ La Bodeguita Del Medio“. Познато е по Ернест Хемингвеј, бидејки тој го пиел тука речиси секој ден најдоброто „мохито“. Инаку неизбежно место за секој турист е кафе-ресторанот „Floridita“ каде го дегустирав за прв пат омилениот пијалок на Ернест Хемингвеј  а тоа е „Daiquiri“ . Инаку за овој пијалок Кубанците знаат да кажат сленговски дека е „R“ витамин. Во ресторанот има одлична атмосфера се свири типична кубанска музика, а тука е и статуата на Ернест Хемигвеј како потсетник на времето во кое тој тука престојувал. Тука, како и во другите угостителски објекти се нудат и многу други коктели кои се претежно врз база со рум, како„ Куба Либре“ и „пиноколада“.

Кој им е традиционален специјалитет?

- Традиционален специјалитет е „Ropa Vieja“ направен најчесто од крик стек со тенко искинато месо како влакна, доста посно со многу нивни зачини и го сервираат со темен ориз во кој има и црн грав. Доста вкусно.

Како изгледа непосреден контакт со делфини, пливање со нив, како ја контролиравте брзината, не ви беше страв?

- На ова патување бев на „Dolphinarium“ и за прв пат по шоуто со делфините, имаше можност со доплата и за пливање со овие прекрасни животни. Воопшто не размислував, веднаш се пријавив. Тоа беше прекрасно доживување, искуство кое не се заборава. Топло го препорачувам на сите доколку им се овозможи таква прилика. Се чувствував фантстично, среќна како мало дете. Тие се многу нежни и внимателни. Многу сакаат да се галат и да ве бакнуваат. Пливаат доста брзо, но внимаваат да не ве повредат. Јас многу сакам да пливам и ова пливање со делфините само ја зголеми мојата радост.

Колкава е просечната плата, од што живеат луѓето таму?

- Ова е земја на топли и срдечни луѓе кои се однесуват насекаде како домаќини. Инаку, времето како да застанало, ќе ве врати 5 децении наназад. Ќе се изненадите колку луѓето се сиромашни, а среќни. Просечна плата од работник до доктор е од 20 – 50 евра, а се е многу скапо. Имаат два вида новчаници, едни се само за нив, а други за туристите, а по се изгледа дека и цените за нив се поинакви. Живеат од бакшиш, многу се услужливи и пријатни дури и кога нема да го добијат. Живеат најмногу од производство на шеќерна трска. Неверојатно се среќни и здрави, велат за тоа е заслужен витаминот „R “кој го консумираат секој ден, а тоа е всушност румот.


Која плажа најчесто ја посетувавте и каква беше?

- По Хавана на 130 км оддалеченост се наоѓа летувалиштето Варадеро. Тоа е најпознатото кубанско летувалиште познато по долгите бисерно бели песочни плажи и тиркизна боја на океанот. . . Бевме сместени во„ Sol Palmeras Resort“ кој е прекрасен и е на сама плажа. Океанот беше неверојатно мирен и топол. Климата е тропска, а времето топло и сончево со температура до 30 степени во месец ноември.


Зошто ја препорачувате?

- Куба би ја препорачала како прекрасен остров со убава тропска клима и прекрасен амбиент на латино ритамот, танцот, пикантната кујна, прекрасните коктели и најдобрите пури, рајските плажи, волшебните природни убавини, непрегледните полиња со шеќерна трска, сочуваните традиции и култура. Земја на топли и срдечни луѓе кои се однесуваат како добри домаќини насекаде околу вас. Една од најстарите земји на новиот свет.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг