Има покана од Universal Music од Лондон, да биде единствен репрезент од Македонија, како прва виолина во Планетарниот оркестар. Тукушто го заврши албумот на англиски јазик, а полека но сигурно се пробива и на хрватскиот музички пазар. Но, најбитна и е македонската публика на која како што вели наредната година и должи концерт. Неодамна се врати од Торонто каде поминала одлично и сигурно пак ќе и се врати на тамошната публика, а со вас читателите на Точка го споделува искуството од таму, Андријана Јаневска.
- На покана на „Скопското друштво“ од Торонто, на 16 ноември одржав концерт кој на мое големо задоволство беше целосно распродаден за само една седмица откако го објавивме датумот. Сакам да изразам огромна благодарност за беспрекорната организација! Ова беше мое прво гостување во Канада, но дефинитивно нема да биде последно!
- Настапив во салата „Св. Климент Охридски“. Темата на концертот беа македонските евергрини. Па така, освен моите песни, изведов и многу песни кои оставиле белег во македонската забавна музика: Галебе мој тажен, Молчи молчи, Признавам, Ѕвона ѕвонат итн. Бендот го предводеше Маестро Беџо Синановски на клавијатури, на тапани свиреше Павел Ренџов, виолина – Лазар Николовски, на гитара – Невен Џокиќ и на бас гитара Велибор Перендија. Исто така, како вокал настапи и Гендаије Чудуловски - Гени со кого отпеавме и неколку песни во дует.
- Благодарение на организаторите кои имаа испланирано сѐ до последен детаљ, имав можност да ги посетам Нијагарините Водопади кои буквално ме оставија без здив. Имав време да прошетам и низ строгиот центар на Торонто, да го почувствувам духот на модерниот град, но и да ги посетам атракциите CN Tower и Ripley's Aquarium of Canada. Точно кога пристигнав во Канада падна и првиот снег, па самата атмосфера беше зимско-идилична, особено сега, кога пред Нова година почнаа да се украсуваат излозите и да се кити градот.
- Во моментот кога ги видов, уште еднаш сфатив колку се луѓето мали наспроти величествената природа! Тоа е сила и убавина истовремено, место допрено од Бога и за среќа – сѐ уште неуништено од човекот!
- Тоа се урбани и прекрасни луѓе со кои веднаш се најдовме на иста фреквенција. Затоа и самиот концерт помина одлично, уште од првата песна публиката пееше со мене во еден глас. Иако беше предвидено да завршиме околу полноќ, гостите седеа до 3 часот наутро!
- Од секоја земја во светот ќе има по еден музичар и затоа проектот носи наслов “The Earth Orchestra”. Композицијата што ќе ја изведуваме носи наслов „Together is beautiful“ и е дело на светски познатиот композитор Џорџ Фентон, кој е добитник на наградата „бафта“ и номиниран за „оскар“. Познат е по музиката што ја компонира за документарните серии на Би-би-си, „Сината планета“ и „Планетата Земја“. Планот е композицијата да се сними во студиото „Еби Роуд“ во Лондон, каде што некогаш снимале и славните „Битлси“, а за премиерната изведба дополнително ќе ме информираат.
- Тукушто го завршив албумот на англиски јазик со словенечкиот композитор и гитарист Боштјан Лебен. Станува збор за 10 нови композиции кои воопшто немаат комерцијален призвук, но токму тоа го прави интересен и несекојдневен.
- Во тек се и преговорите за пласман на моите нови песни на хрватски јазик кои ќе ги пласирам на тамошниот пазар. Снимив песна со хрватскиот пијанист Матија Дедиќ, кој е извонреден музичар. Се разбира, најважна ми е мојата најверна македонска публика на која и должам голем концерт следната година.
(А.В.)