Анѓела Јакимовска: Ми понудија да јадам бубачки за реклама

Точка

23/12/2019

10:54

5.822

Големина на фонт

а а а

„Колку сте послаби, тоа подобро. Интересно беше тоа што секојдневно ни ја проверуваа тежината пред појадок, ручек и вечера. Во Кина се бара претежно светол тен на кожа, па летово избегнував да се сончам, а еден од условите за учество беше и претставничката да не е мажена, да нема деца и да не е разведена“ - раскажува Анѓела Јакимовска, нашата претставничка на Мис Модел на светот и Изборот во Камбоџа.

Во конкуренција на 60 претставнички од различни држави на изборот Мис Модел на светот во Кина и 40 во Камбоџа, Анѓела Јакимовска повторно се закити со титули. Овојпат е во топ 30 во Кина и топ 10 во Камбоџа. 

Кои беа критериумите на Изборот во Кина?  

- Тоа беше натпревар исклучиво за модели, а критериумите беа висина над 175 центимерти, здраво тело и карактеристична физиономија на лицето. Колку сте послаби, тоа подобро. Интересно беше тоа што секојдневно ни ја проверуваа тежината пред појадок, ручек и вечера. Во Кина се бара претежно светол тен на кожа, па летово избегнував да се сончам, а еден од условите за учество беше и претставничката да не е мажена, да нема деца и да не е разведена.


Со која од девојките најмногу се дружеше?

- Вистина е дека вообичаено жена не простува успех на друга жена, а Изборот за мис докажува колку девојките, жените си се потребни една на други. Најмногу дружев со Мис Германија, Мис Татарстан и Мис Романија, така што го вежбав германскиот јазик, а научив да зборувам и малку руски. Тоа е една од најголемите предности на овие избори за убавина стекнувате пријатели од целиот свет а можете да научите и нов јазик.

Имаше ли време за прошетка во Камбоџа?

- Изборот за Мис во Камбоџа траеше 20 дена, така што во програмата се вклучени и неколку денови за прошетка низ градот. Успеавме да го посетиме тамошниот пазар, споменикот на независноста, Националниот музеј како и Ројал палата во Пном Пен. Исто така посетивме и дом за деца без родители, тие беа убедливо најгостопримливи.


Што ти остави најголем впечаток?  

- Најголем впечаток ми остави нивната кујна. Бев изненадена кога ми донесоа бубачки кои што требаше да ги јадам при снимање на видео реклама. Исто така бев воодушевена од таксито во градот. Тоа изгледа многу необично, возилото нема ниту врати ниту прзорци туку само еден мал мотор каде што седи возачот, а одзади има мала клупа со покрив каде што седат патниците.

Колку те менуваат овие средби, патувања, луѓе, култури?

- Менуваат, на подобро секако. Колку повеќе знаете толку пошироко ви е гледиштето кон животот, полесно ги разбирате луѓето, ги прифаќате различностите, не осудувате, немате предрасуди .. едноставно учите да љубите каде и да одите.


Што научи од посетата на Камбоџа?

- Од посетата на Камбоџа научив да го почитувам туѓото, но да го ценам и обожувам своето.

На што те обврзуваат ваквите титули?

- Ваквите титули обврзуваат на примерно однесување во јавноста, учтивост, манири, уредно прибрана коса, уредна шминка и гардероба т.е како да сте излезени од Бурда, а сепак да имате остар ум, самодоверба, едноставност во однесувањето, емпатија, човечност и знаење. Доколку го имате тоа во себе и не е е вештачки форсирано, нема да го чувствувате притисокот што го наложуваат тие титули.


Те ограничуваат ли?

- Се додека овие титули вршат прогрес на мојата кариера, а исто така ја прават горда мојата земја мислам дека ограничувањата нема да постојат, од секогаш го сакав ова и мислам дека сум на вистинскиот пат. На пример сега на изборот за убавина во Камбоџа добив понуда да запишам мастер на факултетот во Малезија, затоа што Македонија оствари добар пласман. Можеби во Европа изборите за Мис не се екстемно популарни, но во Азија овој тип на натпревари имаат сериозен публицитет, па девојките се тренирани од најрана возраст како да бидат успешни Мисици. Да се биде Мис е одговорна позиција, не гледам ограничувања напротив, колку сте поактивни и поискусни вратите ви се сè пошироко отворени.


Која е приватно Анѓела, што работи, што прави во слободното време, вљубена ли е, во кого?

- Приватно сакам да поминам дел од своето време со семејството, моите две постари сестри се мои најголеми критичари и мои најверни пријатели. Сакам да танцувам и да возам ролери, а исто така дизајнирам парчиња облека. Креативноста ми е двигател на енергијата и морам постојано да ја насочувам во продуктивен правец. Секогаш се водам по надалеку прочуената изрека ,,Учи да за не те учат полоши од тебе”. Годинава завршив со студии по електронски бизнис, но уметноста ме манипулира. Мислам дека за љубов е потребна емоционална кондиција, лесно е да ви се допадне привлечна жена, маж но да и се предадете на една иста личност со години е тешка задача. Љубов е обожување на партнерот, здрава комуникација, емоционална блискост, а не сум сигурна колку нашето општество ја поставува како триумф ваквата форма на меѓучовечки однос. Верувам во љубов, но тешко ми е да се заљубам.

Ги плашат ли момчињaта твоите титули да ти пријдат?

- Можеби, верувам во приказните за проклетството на убавите жени .. Сепак кога гледате од далеку перцепцијата е една, од близу сме сосема други потребно е човек да го има тоа на мисла пред да се предаде на стереотипот дека амбициозноста и убавината се дело на ѓаволот. Сите ние живееме за истото да бидеме убави, прифатени, успешни, здрави, почитувани и сакани.


(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг