Ексклузивно интервју со една од најуспешните жени во земјава: „Доблест е некогаш да кажеш дека не знаеш, дека не можеш, да кажеш дека си уморен...“

Точка

30/12/2019

20:36

14.790

Големина на фонт

а а а

Нина Шерифовска - жена на која сите треба да бидеме горди. Тимот на Точка поразговара со Шерифовска во една од многуте простории на Парк Резиденс, каде позборувавме за нејзиниот пат до успехот, за сите падови и издигнувања, семејството и сето она што го поседува секоја успешна жена.

Кога првпат ќе ја видите, остава впечаток на недопирлива грациозна убавина од жена на која не би се осмелиле да ѝ пристапите, но со секој следен контакт, дали со неа или делот од нејзиниот тим, доаѓате до заклучокот дека станува збор за исклучителна жена, борец, лидер, жена што плени со својата енергија, позитивност, хумор и способности.


Шерифовска денес е генерален директор на Парк Резиденс, еден од најуспешните хотели во нашата земја, но, патот до успехот е тежок, трнлив и полн предизвици. Нина млада станала мајка. На 19 години го родила првото, а на 21 второто дете. Нејзината тогашна цел била да се посвети на семејството, но по кратко време сè се променило.

„Мојата кариера започна пред 17 години во истава компанија, сосема непосредно. Бев мажена и набрзо станав мајка на две деца. Сакав да поминам време со децата, навистина не сакав да работам. Во тој период многу ми помогна сопругот. После првото дете ми рече 'ајде ќе направиме уште едно, па после без прекин да си градиш кариера'. Така и беше“, вели Шерифовска и додава дека кога нејзината ќерка наполнила 4 години случајно се сретнала со господинот Енвер Малиќи, кој успеал да ја разубеди да почне да си ја гради својата кариера токму во неговата фирма.

„Оваа работа не ми беше позната, јас сум правник и мислев дека никогаш нема да се снајдам. Но, за среќа, моите тогашни претпоставени веруваа во мене, и благодарение на нивната доверба, денес сум таму каде што сум.“


Мајчинството ја направило амбициозна, самоуверена, сигурна, решителна. Сите овие карактеристики денес ја прават успешен менаџер, за кој насекаде се зборува.

„Пред да станам генерален директор на Парк Резиденс, по моја иницијатива ги поминав сите оддели во оваа компанија. Сакав да се усовршам и да ја научам работата на сите околу мене. Тоа го правев и затоа што верувам дека менаџментот не е ништо друго освен добра организација“, открива Шерифовска.

Ја прашавме Нина и која е тајната на успехот, со оглед дека низ годините не може да се забележи ниеден нејзин неуспех, напротив, таа секоја година станува сè поуспешен менаџер, кој целосно се посветува на работата.

„Тајната на успехот е искреноста. Доблеста некогаш да кажеш дека не знаеш, да кажеш дека нешто навистина не можеш, да кажеш дека си уморен... Искреноста секогаш ми била најголем адут во животот. Потоа следи упорноста да си докажам дека тоа може, дека има начин и исто така важна е поддршката од луѓето. Ништо не можете да направите без луѓето, посебно во нашата работа.“


Шерифовска вели дека тимот го гледа како семејство.

„Иако можеби така звучи, ова не е клише кое сите менаџери сакаат да го кажуваат. Тимот работи за вас. Тоа секогаш треба да го имате на ум - дека тимот работи за вас, а вие треба да се грижите за него.“

Нина е успешен менаџер, а истовремено и мајка и сопруга. Еве што нѝ одговори на прашањето како се справува со трите важни улоги во животот.

„Ќе излажам ако кажам дека е лесно. И HR правилото вели дека луѓето кои се во брак се поодговорни во работата, па мислам дека и мене ми е тоа голем плус. Знам зошто станувам наутро, знам за кого станувам и знам дека тоа не го правам само за себе. Ако прво вие дома не бидете лидер и не ги научите децата на вистинските вредности во животот - никогаш нема да бидете добар лидер надвор.“

Нина важи за една од најуспешните жени кои пливаат во бизнис водите во нашава земја, минатава година ставена во групата на најуспешни менаџерки. Според Нина, сите нешта тргнуваат од добро поставена цел, се понатаму е упорност, ентузијазам, динамичност и пред се љубов кон работата и тимска работа.

„Никогаш не ја гледав материјалната страна од мојата работа. Да, важна е. Сите ние сме на пазарот на трудот, меѓутоа никогаш тоа не ми било на прво место и ова е многу искрено и вистинито. Секогаш чувствував потреба да докажам дека не сум само убава, туку и паметна, бидејќи луѓето кога ќе ме видат 'на прва' веднаш помислуваат на она првото.“


Таа со гордост ја раскажува уникатната приказната за Парк Резиденс, успешна приказна која трае повеќе од 10 години, приказна која континуирано се надградува. Бројки кои говорат за една импресивна инвестиција од 25 милиони евра која се протега на површина од 32.246 м2, преточена низ луксузни станбени и деловни објекти. Комплексот е позициониран „во срцето на природата“ и располага со 126 апартмани со површина од 70 м2 до 260 м2 и деловни простории што зафаќаат површина од 5.000 м2.

„Во периодот кога Парк Резиденс имаше многу лоша репутација, нарушен имиџ - станав генерален директор, бидејќи како да станав заштитно лице, сите ме препознаваа по овој комплекс. Тоа беше еден навистина голем предизвик за мене. Сакав да направам некоја нова приказна, несекојдневна и невидена во градот. Се трудевме да личиме на објект кој е неконвенционален во Скопје и постојано ги следевме светските трендови.“

Сепак, покрај работата, нејзината најголема гордост се нејзините две деца, кои на јавноста ѝ се познати како македонските џудисти, кои цврсто го држат 7-то место во светот.

„Засега тие се успешна приказна, навистина сум горда на нив. Спортот е нешто што бара многу жртви, а јас како мајка мислам дека го дадов својот максимум за денес и тие да бидат на својата посакувана цел.“

„Сите овие награди многу ми значат, но, успехот во семејството е единствен и незаменлив“, заклучува Шерифовска. 


Автор: Цеце Николова



Спонзорирани линкови

Маркетинг