Караџиќ го победи Душебаев, но Шпанците се радуваа на ремито

Макфакс

22/01/2020

19:16

1.286

Големина на фонт

а а а

Нерешено 22-22 заврши дерби пресметката меѓу непоразените селекции на Шпанија и Хрватска во групата 1 на ЕП во ракомет. Влогот за двете селекции беше прво место во групата и евентуално избегнување на силната Норвешка во полуфиналето на првенството.

Двете селекции во првото полувреме се менуваа во водството. Екс играчот на скопски Вардар, Игор Караџиќ беше најзабележителен на теренот во овој сегмент од мечот, со 6 гола од 6 обиди. Сепак Шпанија на пауза замина со +1, 12-11.

Во вториот дел, на стартот се „разбуди“ уште еден поранешен член на Вардар, Алекс Душебаев. Токму поради неговата игра Шпанија стигна до висока предност од +6, 14-20.

Кога сите во „Штадхале“ во Виена помислија дека Хрватска нема сила за нешто повеќе против моќните Шпанци, следуваше „црна дупка“ за „фуријата“. Шпанија цели 10 минути беше без гол, па стигна израмнувањето, 21-21.

Хрватска дури и поведе со голот на Дувњак, 22-21, но Гомез од седум метри реализираше за 22-22.

Дувњак не го реализираше последниот напад, па резултатот остана непроменет.

Караџиќ беше прогласен за играч на мечот со 10 гола, а Шпанија ја предводеше Алекс Душебаев со 6.



Спонзорирани линкови

Маркетинг