Во Кина прогласен најголемиот карантин во историјата

Макфакс

23/01/2020

16:18

2.028

Големина на фонт

а а а

Кинеските власти во средата прогласија најголем карантин во историјата за да спречат ширење на новиот корона вирус за кој во моментов нема лек или вакцина.

Властите воведоа ограничувања за патувањата во и надвор од дури три големи градови – Хуанганг, Ежоу и Вухан, во кои вкупно живеат 20 милиони луѓе.

Правилата стапија на сила денеска наутро, а со нив најпрво беа прекинати железничките линии и авионските летови во и од 11-милионскиот Вухан, најголемиот град во централна Кина, кој се смета за жариште на ифекцијата. Властите исто така го стопираа јавниот превоз во градот – автобусите, подземната железница и траектите. Покрај тоа, наредено е сите пешаци на улиците да носат заштитни маски.

Властите уште во среда во 10 часот по локално време започнале да ги спроведуваат мерките. До средата напладне, сообраќајот со автомобили сè уште бил дозволен, меѓутоа, после тоа, започнало затворање на автопатиштата кон Вухан. Во средата исто така беше објавено дека здравствените власти ќе ја мерат температурата на сите што влегуваат и излегуваат од градот.

Голем број Кинези на социјалните мрежи, вклучувајќи и блогери, вчера тврдеа дека мерката е премногу задоцнета и дека се прекриваат вистинските размери на епидемијата, поради што некои побараа оставка од градоначалникот на Вухан, Жоу Ксијанванг. Болеста во меѓувреме се прошири скоро во сите кинески провинции, вклучувајќи го и Хонгконг.

Вирусот во средата беше потврден во шест земји надвор од Кина.

Најголемиот карантин во историјата, е воведен во Кина откако бројот на заболени и смртни случаи во еден ден, од вторник до среда, практично се удвои – од 270 првично заболени бројката скокна на 570, а бројот на починати се зголеми од 9 на 17. До утрово бројот на смртни случаи се искачи на најмалку 25.



Спонзорирани линкови

Маркетинг