Дали ја знаете приказната за НФЛ играчот кој водел двоен живот како убиец?

Супермен

24/01/2020

17:04

8.054

Големина на фонт

а а а

Играчот на Њу Ингланд Пејтриотс, Арон Хернандез, имал сè – извонредна кариера, НФЛ договор вреден 40 милиони долари, убава вереничка која му родила ќерка која ја обожувал...

Но, зад таа совршена “фасада”, Хернандез водел двоен живот. Кога клопчето започнало да се одмотува било утврдено дека спортистот консумирал дрога, имал интимни односи со мажи, бил исклучително насилен и на крајот убил тројца луѓе. Далеку од луксузната вила во која живеел со семејството, Арон во “сомнителниот” дел од градот имал стан во кој често консумирал наркотици и доведувал познаници со криминални досиеја. 

Недалеку од својот дом, во 2013 година било пронајдено телото на изрешетаниот Один Лојд, кој се забавувал со сестрата на вереничката на Хернандез. Во изнајмениот автомобил на НФЛ ѕвездата биле пронајдени чаури од куршуми кои се поклопувале со куршумите извадени од телото на Лојд, а во неговиот телефон биле пронајдени преписки со жртвата.


Во случајот кој предизвика огромно внимание во јавноста, НФЛ играчот бил прогласен за виновен за убиство со предумисла и бил осуден на доживотна робија без можност за условно пуштање на слобода.

Додека траело судењето, Хернандез бил обвинет за двојно убиство кое се одиграло една година претходно – двајца мажи биле убиени сред ноќ во автомобил, застанат на семафор.

Осудуваниот криминалец Александер Бредли, пријател на Хернандез, ѝ раскажал на полицијата дека спортистот ладнокрвно ги убил двајцата мажи бидејќи едниот од нив претходно, случајно го полил со пијачка во клубот. Бредли кој бил единствен сведок на настанот, потоа раскажал дека Хернандез го пукал во лицето од страв дека ќе раскаже што се случило или ќе се обиде да го уценува.

Иако Бредли сведочел дека Хернандез од автомобилот испукал повеќе куршуми во двајцата мажи во другото возило, за двојното убиство поротата одлучила дека – не е виновен. Но, сепак, американската јавност е убедена дека е.

Арон Хернандез, тајната зошто ги сторил убиствата ја однел во гроб. Во емисијата која ја шокираше Америка, една новинарка јавно зборувала за тоа дека го криел фактот што е хомосексуалец, што ја запрепасти јавноста бидејќи се смета за непрофесионално да се изнесуваат инсинуации за нечија ориентација. Хернандез се обесил во затворската ќелија три дена по таа емисија.


По неговата смрт, семејството одлучило да го донира неговиот мозок за медицинско истражување бидејќи постоеле сомнежи дека пател од ЦТЕ – хронична трауматична енцефалопатија, релативно новооткриено нарушување кое ги погодува играчите на американскиот фудбал. Годините истражувања на бизарните инциденти на играчите утврдиле дека, поради бројните удари во главата и потресите на мозокот кои ги доживуваат на теренот, нивниот мозок ја менува структурата што доведува до бројни промени во однесување како што се агресија, депресија, непредвидливост и насилство.

Докторката која го дисецирала мозокот на Арон, на претставувањето на резултатите рекла дека никогаш претходно не видела случај како неговиот и дека мозокот на Хернандез бил оштетен на начин кој укажувал на тоа дека бил децении постар од тоа што бил.

Во моментот на смртта, Арон Хернандез имал само 27 години. Бидејќи поднел жалба на пресудата за убиство, а потоа починал, според застарениот закон во Масачусетс тој повеќе не бил виновен за убиството за кое бил осуден. Умрел како невин човек во 2017 година, но целиот случај предизвикал толкаво внимание што поради “невиноста” на Хернандез, таквиот закон бил укинат минатата година, а тој повторно добил статус на убиец осуден на доживотна казна затвор.

Интерес за случајот Арон Хернандез повторно поттикна документарната серија за него, снимена од страна на Нетфликс.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk