Билјана Камчева настапи на големата сцена во резиденцијата на Путин

Точка

07/02/2020

10:03

8.255

Големина на фонт

а а а

Флејтистката и оперска пејачка Билјана Камчева не ја остави рамнодушна ниту руската публика со изострен критериум. Таа на први февруари на големата сцена во државната палата, Кремељскиот дворец во Москва го живеела нејзиниот музички сон.

Настапила на концерт по повод Меѓународниот ден на руска романса, а поканата од организаторот следувала по освоената меѓународна награда на натпреварот Балканска романсијада кој се одржа во Софија, Бугарија во ноември минатата година. 


Какво е чувството да се настапува пред публика од 5000 посетители со изострен критериум и вкус?

- Да се настапи пред публика од над 5000 посетители, пред народ кој живее со уметноста, придружувана од Бољшој кооперативниот оркестар, делејќи ја сцената и музицирајќи со голем музичар покрај себе е огромна чест и привилегија. Самиот факт дека на таа сцена дел од својата душа оставиле големите музичари како Павароти, Ана Нетребко... прави секој музичар да се чувствува возвишено во еден таков храм на уметноста. Додека настапував имав чувство дека дишам во еден здив со неколку илјадната публика. Русите го ставаат музичарот на пиедесталот и верувајте, имавме третман на вистински ѕвезди.


Имаше ли посетеност, како реагираа?

Големата сала на државната палата, каде всушност е и резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин, беше преполна. Добивме информација дека се продадени повеќе од 5000 билети и навистина амбиентот беше за воодушевување. Русите вложуваат во уметноста, постојано работат на промоција на својата култура, јазик и традиција, всушност и самата организација на ваков вид на концерт го потврдува истото. Особено се значајни овие концерти на кои покрај соработките се стекнуваат и контакти кои прераснуваат во пријателства кои траат.

Особено сум среќна што имав чест да настапам со извонредниот флејтист и тенор Алексеј Кудрја, кој воедно е и диригент и музиколог, комплетен музичар и голем човек, со кој уште еднаш се потврди дека вистински големите уметници пред Се ги краси скромноста и приземноста. Нашиот заеднички настап беше особено забележан и пофален од музичките критичари во Русија оценувајќи го како високо професионален, несекојдневен и секако особено значителен по двата вида на изведба со кои се претставивме и двајцата како солисти, како флејтисти и пејачи. На сцената во Кремељ говоревме со јазикот на музиката, ги подаривме нашите емоции и бевме наградени со овации од публиката со истенчен вкус. Првите честитки и воодушевувања ги добивме од самата композиторка на руската романса која присуствуваше на концертот и која беше особено среќна и благодарна за изведбата како и за оставањето на нашиот личен белег во самата композиција.

Возбудата и убавината од концертот и мојот престој во Москва ќе останат трајно во моите сеќавања.

 Имаше ли време за прошетка низ градот, што те фасцинираше?

- Со оглед дека концертот беше во Кремељскиот дворец кој е во центарот на Црвениот плоштад, помеѓу пробите имавме доволно време, барем на кратко во нашиот неколкудневен престој да ја почувствуваме магијата на градот кој во својата архитектура со изразито црвена боја ја носи и душата на својот народ.

Како би ја опишала Москва во зима?

- Бајковита Москва, со сите бои на новогодишните светилки, белото руво и музиката на Црвениот плоштад, магично украсените елки, секој различна, посебна... снежна Москва која живее со уметноста.

 Што после Москва, предизвик?

- После Москва ќе треба да помине време за да се средат сите впечатоци :)

Секако дека продолжувам со работните обврски во мојата матична куќа, Националната опера и балет, се подготвувам за семинар по соло пеење на почетокот од месец март во Софија, Бугарија и секако во план се неколку концерти низ државата.

Во оваа прилика Ве молам дозволете ми да упатам голема благодарност до пијанистката Елена Сиљаноска со која го подготвуваме настапот во Москва и која покрај музички ми помогна и со нејзиниот мајчин руски јазик, беше со мене на сцената свирејќи ги пијано делниците, па еве, ќе откријам дека подготувуваме наскоро и заеднички концерт со руска музика.


(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг