Прв случај на заболен од коронавирус во Македонија потврдија од Министерството за здравство

Точка

26/02/2020

16:27

10.521

Големина на фонт

а а а

Потврден првиот случај на коронавирус во земјата. Се работи за жена, родена 1970 година од Скопје. Како што изјави министерот за здравство, Венко Филипче, на вонредна прес-конференција, таа се вратила утрово од Италија, каде престојувала еден месец.

Тој рече дека биле извршени лабораториски тестирања на материјал од пациентката и дека резултатите покажале оти таа е позитивна на коронавирусот.

„Нема простор за паника. Пациентката е во стабилна состојба. Таа била еден месец во Италија, веќе две недели е болна и во Италија не била тестирана за корона и по пристигнувањето во земјата, веднаш се пријавила на Клиниката. Сметаме дека периодот на инкубација е поминат“, рече Филипче.

Тој упати апел до сите институции кои имаат вработени што патувале во Италија, да не ги примаат вработените на работните места, туку да останат дома 14 дена во карантин.

Карантин има за сите оние кои знаеме дека сигурно имале контакт со заразено лице.

Спасовски: Нема потреба од паника, сè е под контрола

Претседателот на Владата, Оливер Спасовски на прес-конфереција изјави дека нема потреба од паника во јавноста поради појавата на првиот случај на заболен од коронавирусот.

„Сите државни служби се во целосна подготвеност, нема причина за паника, бидејќи воспоставена е контрола и преземени се сите мерки во согласност со протоколите. Преминуваме во следната фаза на справување. Граѓаните треба да се придржуваат до препораките од Министерството за здравство, а институциите имаат стручни кадри и опрема“, рече тој.

На новинарско прашање Спасовски одговори дека на сите училишта им дале задолжение да ги откажат екскурзиите во Италија, но засега сметаат дека нема потреба од никакви други ограничувања.



Спонзорирани линкови

Маркетинг