Зинедин Зидан жали што неговиот тим буквално фрли во вода добри 75 минути на „Сантијаго Бернабеу“, такашто му дозволи на Манчестер Сити да постигне два гола во завршницата со кои сега ќе има голема предност на реваншот во Англија.
Тренерот на Реал Мадрид нагласи дека грешките скапо се плаќаат во Лигата на шампионите, но како што можеше да се очекува, не можеше да го избегне прашањето за најчудната одлука која ја донесе на овој прв натпревар против Сити. Зизу го започна мечот без Тони Крос, а уште поизненадувачки беше тоа што воопшто не му даде минутажа и како резерва, оставајќи го на клупата за резерви.
– Тажно е што во 15 минути ја ставивме во втор план добрата работа. Направивме грешки, а тука грешките се плаќаат скапо. Сепак, грешките се дел од фудбалот и имаме шанса за поправен испит, – изјави Зидан и додаде.
– Нема ништо со Крос, тој беше максимално подготвен и не се работи за повреда. Тоа беше техничка одлука од моја страна. Тој е многу важен за нас, но за овој меч избрав друг фудбалер на негово место. Немам ништо против Тони, – нагласи Французинот.