Прекрасна вест пристигнува од Холандија – 22-годишниот фудбалер на Ајакс, Абделхак Нури, е на пат кон закрепнување откако пред 2 години и 9 месеци падна во кома, потврдува неговото семејство.
Нури во јули 2017 година доживеа срцев удар на пријателски натпревар против Вердер во Австрија по што му беше укажана лекарска помош на самиот терен, а откако неговата состојба еден ден подоцна беше опишана како стабилна од страна на клубот, тој падна во кома.
Од кома се разбуди во 2018 година, но речиси и немал никаков прогрес. Меѓутоа, според зборовите на неговиот татко и брат, сега неговата состојба е далеку подобра, а за тоа сведочи и фактот дека фудбалерот е пуштен од болница и полека го распознава светот околу себе.
“Јаде, спие, гестикулира... Многу работи сè уште не може да прави без наша помош, но неговата состојба е подобра”, изјавил неговиот брат Абдерахим.
“Долго време не беше дома, сега е со нас и сите се грижиме за него. Морам да кажам дека откако е овде, а не во болница, сè е подобро. Свесен е каде се наоѓа, во познато опкружување е. Повеќе не е во кома, но и понатаму не може сам да се грижи за себе”, вели братот.
Нури не може да зборува, комуницира само со подигнување на веѓите, а можеби е најубав фактот што повторно е во состојба да гледа фудбал – дури и покажува реакции на голови и шанси.
“Сега мораме да се грижиме за него најдобро што можеме. Ќе дадеме сè од себе”, изјавил таткото на фудбалерот, Мохамед.
Веста за сè подобрата состојба на Абделхак сега звучи навистина неверојатно особено што неговото семејство уште во 2017 година тешко наоѓаше надеж во конечното закрепнување. Доколку на тоа се додадат и прогнозите на лекарите кои не му даваа многу шанси да закрепне, сегашната состојба на Нури делува како вистинско чудо.
Семејството на фудбалерот инаку го тужеше неговиот клуб Ајакс бидејќи било утврдено дека му била пружена несоодветна помош на самиот терен, за што бил одговорен клупскиот лекар.