Роналдињо во својата кариера постигна повеќе од 300 гола, но ниеден не беше спектакуларен и истовремено толку важен како тој против Англија во 2002-ра.
Поранешниот фудбалер на Гремио, ПСЖ, Барселона и Милан во четвртфиналето на Светското првенство, го совлада Дејвид Симан од слободен удар од 35 метри, од косо, од десната страна при резултат 1-1.
Сите очекувале центаршут, очигледно Симан и повеќе од сите, но топката завршила во горниот лев агол и го оставила англискиот голман во солзи, а неговите соиграчи во шок.
Многумина сметаат дека Роналдињо случајно го постигнал голот кој го одведе Бразил во полуфиналето, но мистеријата по 18 години конечно ја решил неговиот тогашен соиграч Ривалдо.
"Тој гол го изненади Симан, мене и целиот свет. Никогаш не помислив дека некој би го направил тоа. По натпреварот Роналдињо ми кажа дека знаел дека Симан има навика да направи два-три чекори напред при слободни удари. Се обиде да го изненади. За Роналдињо нема невозможни работи. Го покажа тоа тогаш со десна нога од тешка позиција, од каде полесно би погодил левоног играч", рекол Ривалдо.
Бразил во Јапонија и Јужна Кореја ја освои петтата титула првак на светот со сите седум победи, а Роналдињо е избран во идеалниот тим на шампионатот заедно со соиграчите Роберто Карлос, Ривалдо и најдобриот стрелец на турнирот Роналдо.