Летот на американската компанија "SpaceX" означи крај на монополот - Русите не се единствените кои испраќаат астронаути на Меѓународната вселенска станица, а експертите сега сметаат дека Русите треба да ја преиспитаат својата вселенска програма.
Новата капсула на "SpaceX" која во саботата полета од Флорида во САД, вчера без потешкотии се „прикачи“ на Меѓународната вселенска станица после 19 часа лет.
Ова е прва таква мисија после 2011-та година кога Американците престанаа да летаат со свои ракети и започнаа да ги користат руските ракети „Сојуз“. Американските астронаути во Меѓународната вселенска станица девет години пристигнуваа полетувајќи од рускиот космодром во Бајконур сместен во Казахстан, а мораа да поминат обука во Русија и да учат руски јазик.
Руската вселенска агенција „Роскосмос“ го поздрави полетувањето на ракетата на "SpaceX", а извршниот директор за летови со човечки екипаж, Сергеј Крикалјов оцени дека „успехот на оваа мисија ќе ни пружи нови прилики“.
„Трамболината функционира“, се пошегува на прес-конференцијата вчера шефот на "SpaceX", Илон Маск, со што го исмеа првиот човек на „Роскосмос“, Дмитри Рогозин.
Рогозин во 2014-та година во периодот кога Москва им се закануваше на Американците дека ќе ја прекине соработката во вселенската програма, изјави дека во таков случај „НАСА“ ќе може да ги испраќа своите астронаути на Меѓународната вселенска станица со трамболина.
Коментарот на Маск ги запали социјалните мрежи и сите започнаа да го исмеваат првиот човек на „Роскосмос“, а поради реакциите се огласи и портпаролот на руската вселенска агенција.
„Навистина не ја разбираме хистеријата поради успешното лансирање на капсулата "Crew Dragon". Се случи тоа што требаше да се случи одамна“, изјави Владимир Устимјенко.
„Роскосмос“ секој лет на Меѓународната вселенска станица на „НАСА“ им го наплаќаше по околу 80 милиони долари, што на Русите им носеше значајна финансиска корист. Доколку „НАСА“ сега целосно започне да ги употребува услугите на приватната американска компанија "SpaceX", тоа значи дека „Роскосмос“ на годишно ниво ќе губи околу 200 милиони долари.