Состојбата на здравствениот систем, капацитетите на згрижување, нискиот број заразени здравствени работници, познатите кластери и сите други индикатори укажуваат дека точно знаеме што се случува и дека имаме капацитет да се справиме со овој бран на болеста, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Тој вели дека овој нов бран на новозаболени од Ковид-19 има суштинска разлика со првиот бран.
„Тогаш не знаевме што можеме да очекуваме и колку може да се прошири, сега имаме знаење, ресурси и надграден здравствен систем, така што можеме да се носиме со овој бран“, вели министерот за здравство.
Филипче уште еднаш порача да се почитуваат протоколите и ги повика надлежните да санкционираат таму каде што има прекршувања.
Во последниве 24 часа од 868 тестови, регистрирани се 67 позитивни пациенти на коронавирусот, информираше министерот за здравство, Венко Филипче.
Еден пациент починал во последново деноноќие, а 25 лица се оздравени.
На клиниката за Инфективни болести примени се шест нови пациенти. На клиниката има вкупно 40 пациенти, од кои нема пациенти кои дишат со помош на респиратор, а 16 се на кислородна поддршка.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 27 пациенти, од кои шест дишат со помош на респиратор.
На Инфективното одделение во Битола има 7 пациенти, во Штип – 14, а во Охрид, Велес, Куманово и Прилеп има 27 хоспитализирани пациенти.
Филипче изјави дека има нов кластер во Тетово, од еден правен субјект и 40 лица оттаму се во изолација. Раст на бројот на заболени има и во Липково.
Подетални информации за дистрибуцијата по општини, Филипче најави за подоцна во текот на денот.