Не се планираат рестрикции од понеделник и покрај бројките на новозаболени

Макфакс

05/06/2020

18:06

4.609

Големина на фонт

а а а

Не се планираат никакви рестриктивни мерки од понеделник и покрај големите бројки на новозаболени од коронавирус. Министерот за здравство Венко Филипче не најави продолжување на полицискиот час, но сепак остави резерва одлуката до недела да се смени. Сегашните мерки, карантинот за Скопје, Куманово, Тетово и Штип и полицискиот час за сите останати градови истекуваат во понеделник во пет часот.

„Засега никакви рестриктивни мерки не се планираат од понеделник, но сепак ќе почекаме до недела“, рече министерот Филипче и најави дека ќе ги анализираат новите случаи и во текот на викендот.

Тој уверува дека здравствените власти успешно се справиле и со овој, втор по ред, бран на новозаболени од коронавирусот. Тврди дека и денешната бројка од 180 нови случаи е во рамки на познатите кластери кои покажуваат дека позитивни на вирусот се 15 семејства во Скопје. Бројките, како што вели министерот Филипче, биле големи затоа што сега ги тестираат контактите на позитивните случаи за разлика од претходно кога тие беа само ставани во изолација а се тестираа само оние што пројавуваа симптоми.

„Сега ги тестираме и контактите за да ги откриеме и астимптоматските носители. Деведесет отсто од случите се асимптоматски носители на вирусот кои и не биле свесни дека го имаат“, рече министерот Филипче.

Асимптоматските носители на вирусот и големиот број заболени со лесна клиничка слика министерот тврди дека укажуваат на слабеење на вирулентноста на вирусот.


Филипче: Луѓето секако ќе заминеа на туристичките места, не можеме да ги спречиме

„Луѓето секако ќе заминеа на туристичките места. Ние не можеме да ги спречиме, важно е само тие да се придржуваат до мерките“, вели министерот за здравство Венко Филипче, откако голем број граѓани го напуштија Скопје за време на полицискиот час и заминаа во туристичките места.

„Ќе има и други викенди, луѓето ќе патуваат, ние тоа не можеме да го спречиме. Времето ќе се станува поубаво, доаѓаат летни одмори, нормално е да се зголеми фреквенцијата. Но, важно е да се одржува дистанцата и да се носат маски“, вели Филипче.

Тој смета дека бројката на новозаразени само како бројка не значи ништо, туку предвид треба да се земат и други параметри.

„Не е само бројката во прашање, ако не се знае како се пристапува и зошто се прават тие тестирања. Кога видовме дека има асимптоматски носители, малку поинтензивно пристапивме кон тестирање. Ако 90 проценти од новите случаи се асимптоматски, другото сценарио би била да се стават во изолација и да прекинеме со тестирања и така бројката би била пониска“, рече Филипче додавајќи дека во овој момент е важно фокусот да се стави на нашата земја, без да се мисли на отворањето на границите.



Спонзорирани линкови

Маркетинг