Легендарниот италијански фудбалер и тренер, Џузепе Меаца, ќе остане запаметен како еден од најдобрите фудбалери на сите времиња. Во 1979 година, стадионот во Милано го добил името по овој фудбалски уметник.
Меаца е роден во 1910 година, а на фудбалската сцена се појавил на 17-годишна возраст во дресот на Амбросијана (денешен Интер од Милано).
Двапати го освоил италијанското првенство и еднаш Купот на Италија, а почетокот на Втората светска војна ја дочекал надвор од фудбалскиот терен, наводно поради лошата циркулација во нозете.
Toj во 1940 година не одиграл ниту еден натпревар, а веќе следната година прешол во редовите на најлутиот ривал на својот матичен клуб, Милан. Во сезоната 1942/43 играл за Јувентус, а до крајот на војната играл неофицијално за Варезе.
Меаца 3 пати бил најдобар стрелец во италијанскиот шампионат. Тој бил уметник на дриблингот, а најголемо задоволство му претставувало да го издрибла голманот и со топката да влезе во противничкиот гол.
Мајката на Џузепе не сакала тој да тренира фудбал. Таа работела во семејната месарница и сметала дека тој го губи времето, бркајќи ја топката. Дури и била присилена да му ги крие обувките за да не оди да игра фудбал, но сепак не успеала да го спречи во тоа – Меаца научил да игра босоног.
Кога наполнил 12 години, конечно добил дозвола да започне да тренира во локалниот клуб Глорија, а еден навивач воодушевен од неговите фудбалски вештини му ги купил првите копачки.
Заштитниот знак на Меаца било одземање на топката на средина од теренот, трчање низ целата одбрана, мамење на голманот и рутинска завршница.
Италијанскиот фудбалер оставил неизбришлив траг на фудбалските терени, а истото може да се каже и за италијанските бордели. Меаца бил зависен од секс. До ден-денес кружат приказни дека популарниот Пепино пред натпревар редовно ги посетувал “дамите на ноќта” за да биде поспремен за своите настапи.