Откажано традиционалното доделување на Нобеловата награда во Стокхолм

Макфакс

22/09/2020

17:28

431

Големина на фонт

а а а

Овогодишните добитници на Нобелова награда за медицина, физика, хемија, литература и економија нема да патуваат во Стокхолм за првпат од 1944 година за да ги добијат своите награди поради епидемијата на коронавирус, објавија организаторите.

Наместо церемонија во главниот град на Шведска, победниците ќе добијат медали и дипломи во земјите во кои живеат, се вели во соопштението на Нобеловата фондација.

Наградите традиционално се доделуваат на 10 декември, денот на смртта на шведскиот индустријалец Алфред Нобел, кој ја основа наградата. На тој ден, шведската телевизија ќе емитува емисија во која ќе биде прикажано доделувањето на наградите за оваа година во различни делови на светот, објави Нобеловата фондација.

Норвешкиот комитет за Нобелова награда, кој ја организира Нобеловата награда за мир во норвешката престолнина Осло, објави дека годинашната церемонија нема да се одржи во градското собрание поради пандемијата на коронавирусот, туку во универзитетската сала каде што беа доделени наградите од 1947 до 1989 година.

Како што е најавено, ќе има ограничен број луѓе на церемонијата во Осло, а лауреатите оваа година ќе присуствуваат на церемонијата лично или преку Интернет. Забавата, што традиционално се одржува по доделувањето на Нобеловата награда за мир, е откажана.

Добитниците на Нобелова награда се објавуваат во октомври, а церемониите традиционално се одржуваат на 10 декември во Стокхолм и Осло.



Спонзорирани линкови

Маркетинг