Нов ценовник во јавното здравство само за пациентите заболени од ковид: Пет дена на Инфективна клиника државата ја чини 41.250, а во другите болници 30.844 денари

Точка

25/09/2020

09:12

2.999

Големина на фонт

а а а

Пет дена лекување на пациенти болни од Ковид-19 на Инфективна клиника ја чини државата 41.250 денари, а во во другите болници каде што се лекуваа овие пациенти – 30.844 денари. Цената за лекување на респиратор е од 76.375 до 305.500 денари ако пациентот е приклучен на механичка вентилација повеќе од 15 дена, пренесува „Сакам да кажам“.

„Третманот на пациенти со Ковид-19 е многу поразличен, почнувајќи од видот и количината на лекови кои се користат, голем број на дополнителни испитувања, па сè до протоколите и опремата за заштита на медицинскиот и немедицинскиот персонал во установата. Сето тоа драстично ги зголемува трошоците на установата за третман на овие пациенти, па се укажа потреба за промена на цената. При пресметување на референтната цена за лекување на ковид пациенти се пресметуваше трудот на медицинскиот и немедицинскиот персонал, трошоците за потрошени лекови и медицински потрошни материјали, режиските трошоци на работењето и трошоците за тековно одржување на апаратите и инструментите“, изјавиле од Фондот за здравство за „Сакам да кажам“.


„Земајќи го предвид фактот дека во болниците низ државата се третираат пациенти со полесна клиничка слика, додека потешките се испраќаат на Инфективната клиника, нивните реални трошоци за третман на ковид пациенти се пониски, па затоа беше потребно да се направат посебни пакети за нив со пониска референтна цена. Во однос на ГОБ „8 Септември“ која беше национален ковид центар и во која исто така се лекуваа најтешките случаи во државата, исплатени се повеќе пари бидеќи таму имаше поголем број пациенти на респиратори, а цената за нив е повисока“, велат од Фондот за здравство.

Фондот за здравство исто така донесе и нова референтна цена за ковид тестовите во државните лаборатории. Отсега наместо 3.600 денари ќе им се рефундира по 1.850 денари за направен ковид тест.




Спонзорирани линкови

Маркетинг