Заев за свадбата на Богдановиќ: Ако имало провокации, ги осудувам

Точка

20/10/2020

13:05

5.784

Големина на фонт

а а а

Премиерот Зоран Заев денеска проговори и за една од поактуелните теми во македонската јавност овие денови – свадбата на градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Да потсетиме, градоначалникот Саша Богдановиќ се венчаше минатиот викенд на Косово, а во јавноста имаше лавина на реакции поради непочитувањето на мерките за заштита од ширење на коронавирусот.

Во некои медиуми се појави информација дека венчавката на Богдановиќ била на Косово затоа што Србите немаат право на венчавки во канонски храмови во Македонија. Во врска со ова, Заев порача дека не препознал било какво непочитување на Македонија од страна на Богдановиќ, но ако имало провокации, тогаш ги осудува.

„Јас внимателно ги читав изјавите на градоначалникот на Општина Центар, тој тврди дека се оградува од поединци кои биле на венчавката. Не разбрав дека чувствувал дека во Македонија му е забрането да го прави тоа. Ако имало порака на провокација, ја осудувам. Ние сме авангарда за „Едно општество за сите“ и ги поддржуваме нашите соседи“, изјави Зоран Заев.

Министерот за здравство, Венко Филипче го осуди потегот на Богдановиќ и порача дека кога властите бараат од граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот, тогаш функционерите треба да бидат првите кои ќе дадат пример.

Покрај Богдановиќ, поранешниот пратеник Амди Бајрам минатиот викенд организираше свадба, но во многу поголеми размери. Тој организираше свадба за својата внука во Истанбул со 600 гости, од кои дури 370 биле од Македонија. На снимките и фотографиите кои беа објавени на социјалните мрежи, а потоа и избришани, можеше јасно да се види дека никој на свадбата не носи маска, ниту пак одржува дистанца.



Спонзорирани линкови

Маркетинг