Признанија за најдобро рангирани компании со најдобра пракса за безбедност и здравје при работа

Макфакс

20/10/2020

19:26

1.658

Големина на фонт

а а а

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска им ги додели плакетите на трите најдобро рангирани компании во нашата држава во согласност со Националната награда на компанија со најдобра пракса за безбедност и здравје при работа 2020 година. Притоа, изборот го организира националниот Совет за безбедност и здравје при работа, со поддршка од страна на Министерството за труд и социјална политика.

Во согласност со резултатите од работата на комисиите и оценувањето, добитници на признанијата оваа година се компаниите: ГД „Гранит“ АД Скопје, „Млекара“ АД Битола и „Макстил“ АД Скопје.

При доделувањето на признанијата на компаниите со најдобра пракса на безбедност и здравје при работа министерката Шахпаска ја истакна исклучителната важност на безбедноста и здравјето при работа, на креирањето и успешната имплементација на политики и системи на безбедност и здравје на работното место, културата на превенција како теми и области што се од особено значење и кои се несомнено мошне актуелни како во нашата држава така и пошироко.

„Законот за безбедост и здравје при работата и Законот за работните односи како два системски закона, кои се комплементарни, се закони на кои ќе се работи периодов што следува затоа што сакаме да ги изградиме во согласност со највисоките европски стандарди почитувајќи ги препораките на МОТ и експертизата на стручните лица“, истакна Шахпаска.

Министерката истакна дека ова прогласување и доделување на наградите на компаниите го реализираме во текот на Европската недела за безбедност и здравје при работата (од 19 до 23 октомври оваа година) и со тоа заедно со сите други европски земји, земји членки на ЕУ и кандидати за членство во Унијата, и нашата држава рамноправно се вклучува во одбележувањето на овие значајни датуми, кои се целосно посветени на подигнувањето на свеста кај сите субјекти за прашањата поврзани со безбедноста и здравјето при работа.

Таа се осврна и на темата што ќе биде во фокусот на претстојната двегодишна капања за БЗР, т.е. темата поврзана со мускулно-скелетните нарушувања. Исклучително важна тема, за работниците, за компаниите, за безбедноста и здравјето при работа, како на меѓународно ниво, на ниво на Европската Унија, така секако и кај нас.

„Мускулно-скелетните нарушувања се 60 % од причините за кои работниците се жалат и се причина за отсуства од работните места, односно од пет работници, тројца имаат вакви нарушувања. Ваквите мускуло-скелетни нарушувања се причина за сериозна загриженост, и тоа не само поради ефектот што тие го имаат врз здравјето на директно засегнатиот вработен, но и поради ефектот и влијанието што го имаат врз производството и деловните процеси во компаниите, но и врз стопанството во целост“, истакна Шахпаска.

Министерката Шахпаска им се заблагодари на присутните претставници од наградените компании, но и на сите други компании, кои оваа година можеби не беа прворангирани и наградени, но кои се охрабрија и се пријавија за учество во овој избор и изрази надеж дека од година на година ќе имаме и континуирано зголемување на бројот на компании што ќе се пријавуваат на повикот за избор на компанија со најдобра пракса за БЗР.




Спонзорирани линкови

Маркетинг