Постигна деби гол во ЛШ, ги воодушеви фановите на Барса, па со такси си замина од „Камп Ноу“!

Дерби

21/10/2020

10:20

1.711

Големина на фонт

а а а

Барселона ја оправда фаворитската улога во премиерното коло во новата сезона во Лигата на шампионите, остварувајќи уверлива победа над Ферецнварош кој се обидуваше да парира на теренот во првото полувреме.

Каталонскиот гигант на крајот ја наполни мрежата на унгарскиот тим и со играч помалку по исклучувањето на Пике, а интересно беше тоа што во конечните 5:1 видовме дури пет различни стрелци од редовите на Барселона.

Капитенот Меси, Ансу Фати и Кутињо ги постигнаа погодоците за уверливо водство од 3:0, а потоа на сцена стапи голобрадото момче кое помалку се споменува од Фати, но кој исто така има блескава иднина пред себе. Роналд Куман веќе во неколку наврати нагласи дека е посебно задоволен од залагањето и огромниот талент кој го поседува Педри, а 17-годишниот офанзивен фудбалер го демонстрираше сето тоа во своето деби во Лигата на шампионите.

Педри доби шанса во вториот дел заменувајќи го Ансу Фати, во 82-та минута го постигна својот прв гол во Барселона откако одлично биеше во долниот лев агол, а потоа ја започна и акцијата во која го пронајде Меси, а овој асистираше до Дембеле за конечни 5:1.

Седумнаесетгодишникот ги воодушеви фановите на Барса со своето храбро издание, но се претвори во топ тема и по крајот на мечот, бидејќи шпанските медиуми го „уловија“ како го напушта „Камп Ноу“ со такси, сцена која не е баш секојдневна за елитниот фудбал.

Со оглед на тоа што станува збор за 17-годишен тинејџер, тој се уште нема право да управува со автомобил, па медиумите од Шпанија ни открија дека тој пристигнал со такси и си заминал на ист начин по блесокот кој го имаше на „Камп Ноу“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг