Формиран Претседателски центар за политичко образование

Макфакс

21/10/2020

18:54

669

Големина на фонт

а а а

Со одлука на претседателот Стево Пендаровски се формира Претседателски центар за политичко образование, кој ќе работи во насока на јакнење на демократските политички вредности, промоција и заштита на човековите права и слободи, политичкиот плурализам и солидарноста.

„Центарот за политичко образование е еден од клучните проекти во мојата програма за работа, кој ќе ги поврзе младите од различно потекло во рамкигте на повеќе едукативни настани со еминентни предавачи и обучувачи од земјата и странство. Целта е да го поттикнеме интересот кај младите за политиката и да се мотивираат да се вклучат подобро да ја разберат и да ја практикуваат политиката на најдобар можен начин. Преку Центарот ќе ја промовираме културата на дијалог во духот на демократските вредности и ќе придонесеме за сеопфатно вклучување на политичкото образование во формалното и неформалното образование“, истакна Пендаровски.

Со цел спроведување на активностите на Претседателскиот центар за политичко образование како повремено работно тело формиран е Програмски совет, составен од претседател, седум члена и секретар.

Како партнери во рамките на овој проект учествуваат фондациите и здруженијата Фондација „Фридрих Еберт“ – Скопје; Фондација за демократија на Вестминстер, подружница во Република Северна Македонија; Фондација „Конрад Аденауер“, подружница – Скопје, Национален демократски институт за меѓународни работи (НДИ), канцеларија во Северна Македонија, Меѓународен републикански институт (ИРИ), подружница – Скопје и Фондацијата „МК2025“.

Во работата и активностите на Претседателскиот центар за политичко образование може да учествуваат сите здруженија и фондации од земјата и странство, кои имаат основна цел да ја промовираат културата на дијалог во духот на демократските вредности.



Спонзорирани линкови

Маркетинг