ЕА спортс и ФИФПро му одговорија на Ибрахимовиќ и Рајола

Макфакс

26/11/2020

20:31

2.288

Големина на фонт

а а а

И покрај изјавата на супер-агентот Мино Рајола дека над 300 познати фудбалери се подготвени да застанат зад Златан Ибрахимовиќ во борбата со ФИФПро и ЕА спортс околу користењето на нивните ликови во видео играта ФИФА 21, борбата за големите пари очигледно ќе продолжи.

Ибрахимовиќ оваа недела ги повика ЕА Спортс, но и синдикатот на играчи ФИФПро, тврдејќи дека тој не дал право за користење на неговото име и лик и дека некој заработува нелегално на него. Тој доби поддршка од Герет Бејл, а се верува дека има и многу фудбалери кои се незадоволни од ова.

Синдикатот ФИФПро даде кратка изјава.

„По медиумските настапи последните денови, ФИФПро сака да го разјасни начинот на кој ги добива правата за користењето на ликовите на фудбалерите и улогата која ја игра во заштита на правата на сите професионални фудбалери. Ние сме непрофитна организација, и правата се добиваат преку синдикатите во речиси 60 земји, кои потоа се достапни на ЕА спортс. Членовите на синдикатите на ФИФПро одлучуваат каде треба да се користат приходите од правата, но сите средства одат во заштита на фудбалерите“, се вели во објавата.

ЕА спортс пак, тврди дека сите права се легално обезбедени преку клубовите и ФИФПро, и во исто време посочи на соработката со Ибрахимовиќ и со Бејл.

„Мино Рајола е почитуван претставник на фудбалерите со кои имаме партнерство многу години, како оваа година со неговиот клиент Ерлинг Халанд. Имавме и одлична соработка со Златан Ибрахимовиќ, кој е дел од секоја ФИФА од 2002, додека Герет Бејл преку својата ‘Компани елевен’ ја користи нашата игра како клучна платформа. Сигурни сме дека сите ја гледаат вредноста во нашето партнерство“, велат од „ЕА спортс“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг