Ретроспективна изложба на Јован Шумковски во МСУ: Моите дела од разни периоди се допираат и рефлектираат меѓусебно

Точка

17/12/2020

09:52

89.928

Големина на фонт

а а а

Ретроспективната изложба на Јован Шумковски, еден од клучните фигури во генерирањето на македонската современа уметничка сцена, насловена како „Вода/Ѕид“ ќе биде отворена од денеска 17 декември во 12 часот, па се до 28 февруари следната година во Музејот на современата уметност – Скопје.

Како што вели кураторот на поставката, Зоран Петровски, оваа изложба го прикажува делото на еден од најзначајните и највлијателни македонски уметници, чија што речиси четири децениска уметничка практика ја дефинира постојан истражувачки интерес и смела инвентивност во формирањето и изразувањето на неговата ликовна мисла и погледот на светот и времето што го живееме.

Изложбата е поставена во две галерии од МСУ и не е претставена како линеарна хронологија, туку е повеќе еден вид наративна монтажа на повеќе, привидно хетерогени и комплексни тематски планови, но поврзани истовремено по линија на развој на формите или на содржините.

Сликар по вокација, Шумковски досега зад себе има над дваесет самостојни изложби во земјава и во светот (Белград, Сараево, Софија, Љубљана, Стокхолм, Париз, Њујорк, Александрија и други). Во 1995 година беше претставник на Македонија на познатото биенале во Сао Паоло во Бразил, а во 2001 на Биеналето во Венеција. Учествува на многубројни групни изложби и значајни интернационални проекти. Редовен професор е на ФЛУ од 2002 година.

Како уметник, својот авторски пат го бара во континуираното иновирање на визуелниот јазик кој опфаќа различни медиуми, како што се сликарството, скулптурата, инсталацијата, видеото, фотографијата... Постојано, подготвен да експериментира со најразлични продуцирани и најдени предмети, материјали и техники (дрвени отпадоци, пигменти, песок, метал, делови од отфрлен мебел, епоксидни смоли, полиестер, бетон, секојдневни предмети, фотографии и др.), ликовниот дискурс на Шумковски е во процес на континуиран и извонредно конзистентен развој. Како што често самиот сака да каже, тој никогаш не започнува со реализација на некое дело или проект доколку во него не може да види никулец и перспектива за неколку идни проекти.

Јован, како еден од клучните имиња во генерирањето на македонската современа сцена, повеќе од три децении активен сте на ликовната сцена. Зошто токму сега почувствувате дека е зрел момент да исчекорите напред со голема ретроспективна изложба во Музејот на современа уметност – Скопје?

Сосема е природно на секој ликовен автор во зрели години да му биде поставена ретроспективно-монографска изложба, се разбира доколку има континуирaно творештво и доволно вредна и релевантна ликовна продукција. Во име на вистината, инијацитивата за мојата ретроспективна изложба потекна пред повеќе години од кустосот и советник во МСУ, г-дин Зоран Петровски. Јас ја прифатив и од кога се создадоа услови во една пријателска соработка со Зоран Петровски се обидовме да ја оптимизираме поставката. Благодарен сум на кураторот и вработените во музејот за нивната упорност и трпение во организацијата на изложбата.

Која беше провокацијата за насловот на поставката „Вода | Ѕид“?

Насловување на изложба мене отсекогаш повеќе ми претставувало проблем, отколку задоволство. Да му дадете наслов на едно дело или проект знае да претставува повеќе одговорност од самото конципирање или продуцирање на делото. Насловот за ретроспективна изложба е уште покомплексен проблем, бидејќи профилира поголем период на творештво и имплицира обединување на различно конципирани и обликувани ликовни продукции низ годините. „Вода|Ѕид“ како наслов го предложи Зоран. А, во идејата учествував со наслов на едно дело од `90-те години и во него се содржани елементи од некои просторни обликувања коиј во себе ги третирале проблемите на денешниот град или пак водени површини, како просторни основи за инсталација на ликовни елементи. Имам впечаток дека публиката лесно ќе ги лоцира значењата на овие два збора од насловот на повеќе места од презентираните дела.

Поставката е пресек на вашето досегашно творештво и е поместена во две сали во музејот. Како е тематски поделена? Дали е концепирана од неколку целини?

Вкупната продукција можеше и погабаритно да ја поставиме, но неможноста да ги реплицираме во целост просторните инсталации ја оптимизира поставката на овие две музејски сали. Можеби самата поставка ќе се чини позгусната, но сепак тоа е ретроспективна изложба со повеќе артефактна и музеолошка презентација. Во конципирањето и аранжманот на делата немавме впечаток дека треба строго хронолошки да биде подредена. Сметавме дека парчиња од разни периоди е можно да се допираат и рефлектираат меѓусебно. Публиката покрај јасни формални и содржински целини ќе сретне и дела кои во некои меѓу периоди се создадени како самостојни, а се во духот на моето творештво или ги дообјаснуваат моите генерални тенденции и поголеми просторни проекти.

Од кои се страни успеавте да ги мобилизирате и сублимирате на едно место вашите дела, претпоставувам дел од изложените дела се во ваша сопственост, некои ваши дела и самиот музеј ги има во својата колекција...?

Па практично најголемиот број дела се во моја сопственост, неколку се на МСУ како аквизиција или подарок. Значаен дел од мојата продукција долги години и беше чувана во музејот. Се чинеше најрационално да ги претставиме овие дела кои ни беа на непосредно располагање. Поради периодот на пандемија и препорачаните протоколи одлучивме да не позајмуваме од поединци и институции. За жал има и еден помал број творби и делови од инсталациите кои се уништени во текот на годините.

Инсталациите се доминатни во вашиот творечки опус, но често пати се изразувате и преку фотографии, видео, објекти... Сумасумарум, какви дела ќе може јавноста да погледне следниве два месеци, колку што ќе биде отворена поставката во МСУ?

Добро би било публиката да ги разгледува делата низ призмата на периодот во кои се создадени. Првите поставени творби датираат од 1986 година на минатиот век, па сѐ до пред некоја година кога го снимив видео прилогот за делото „Икона на која никој не се моли“. Видео прилози, велам, бидејќи во сите инсталации видеата се комбинирани со објекти кои се занимаваат со некој вид социјална проблематика. Најстара е објектната продукција од ’80-те и почетокот на ’90-те години. Потоа, доаѓаат просторните инсталации со светлосни рефлексии и елементи од синтетички смоли („Над површината“, „Затворено ехо“, „Ноќни визии“ и др.), како и големата инсталација од 2003/04 Р=1:2 и Р=1:200. Потоа, неколку видео и објектни констелации насловени како „Антиципации“. Од последната декада се презентирани пластики од бетон, кои во својот наслов ја имат негацијата, како „Платно кој никој не го слика“, „Дрес кој никој не го носи“ и „Икона на која никој не се моли“. Тука е и „Р=1:2 и Р=1:200 за последен пат“, што го нарекуваме и „Црниот град“ што е исто така едно од последните остварувања. Се разбира има и други објекти, видеа и фотографии кои се блиски до овие поголеми проекти.

Изложбата ја курира како што погоре рековте, искусниот, виш кустос Зоран Петровски од МСУ. Како ви течеше соработката изминативе месеци?

Да, на почетокот напоменав дека оваа ретроспективна изложба е негова иницијатива и Петровски е целосно вграден во овој проект. Конинуирано го следел моето творештво и создавање уште од по студенските денови. Нема да згрешам ако кажам дека повеќе од моите дела биле дооформени со негови сугестии, а и мојата творечка надградба и лична афирмација во голема мера му ја должам нему. Сигурен сум дека ова чувство го имаат повеќе мои колеги од повеќе генерации. Низ овие децении изградивме повеќе другарски однос отколку само релација автор и куратор. Се надевам дека нема да ми замери на објавување на една негова шега: „Ние на некој начин ќе се пензионираме со оваа ретроспектива“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг