Британската водителка Керолин Флек извршила самоубиство во 40-та година во февруари минатата година во својот стан во Лондон. Оваа вест ја шокираше цела британска, но и светска јавност.
Некогашната водителка на британското ријалити шоу „Love Island“, која беше позната и како поранешната девојка на принцот Хари, страдала од депресија, поради што пиела антидепресиви.
На почетокот на декември, 2019-та година, била среде скандал кога физички го нападнала тогашното момче, тенисерот Луис Бартон во нејзиниот дом, откако имала агресивно-љубоморен напад, бидејќи во неговиот телефон нашла пораки од 60-годишна жена на која тој ѝ давал 'инструкции'.
Наводно го удрила со ламба, и случајно се исекла на раката. Полицијата тогаш ја привела, додека тенисерот со тешки повреди итно бил пренесен во болница.
Документарниот филм за покојната Керолин бил снимен од „Channel 4“ и во филмот, за неа, меѓу останатите зборувала и нејзината сестра близначка Џоди Флек.
Таа открила дека Керолин уште од тинејџерските денови тешко се справувала со љубовните проблеми и секогаш лудо се заљубувала, но кога ќе тргнело во погрешна насока, не можела да ја поднесе болката.
„Тој беше малку повозрасен и тоа беше драматично, тајно и многу возбудливо. Но кога престана да функционира, беше скршена. Побегна од дома и не знаевме каде е. Многу, многу тешко се бореше со емоциите. Беше во тешка депресија. Тоа продолжи во текот на нејзиниот живот“, вели Џоди и продолжува:
„После секое раскинување беше скршена. Земаше многу таблети, многу пиеше и заврши во болница. Мислеше дека не може да се носи со чувствата“.
Мајката на покојната Керолин, Кристина, рекла дека нејзината ќерка првпат поради предозирање завршила во болница за време на студиите по глума на Кембриџ.
„Заврши една сериозна врска и потоа добивме повик дека консумирала некои таблети поради што е во болница. Знаевме дека тоа е погрешно. Едноставно не можеше да се носи со скршеното срце“, раскажала мајка ѝ во документарецот.
Керолин поминувала низ тежок период после проблемите со поранешното момче, со кое завршила на суд и поради што нејзината кариера пропаднала, но јавноста не очекувала дека сите тие проблеми ќе резултираат со самоубиство.
Сепак, нејзиното семејство и пријатели откриле дека секогаш се плашеле дека ќе направи нешто драстично.
„Сè започна после нејзиното прво предозирање. Докторот рече дека мисли дека тоа е само една ситуација, но после тоа секогаш постои можност да се повтори. Имавме страв дека тоа ќе биде причина за вакво нешто“, раскажала мајката на покојната водителка.
Од „Channel 4“ објасниле дека документарниот филм е за славата, социјалните мрежи, менталното здравје и што сè може да се случи кога негативните емоции се собираат во луѓето.