Томас Тухел вечерва ќе има една интересна средба со еден свој многу добар пријател од Борусија Дортмунд, кој воедно за првпат ќе го има како противник во големото лондонско дерби во Премиер лигата.
Тухел и Пјер Емерик Обамејанг соработуваа заедно во Борусија Дортмунд и имаа навистина фантастичен однос, на кој сега се потсети актуелниот менаџер на Челси во својата најава за дербито кое се игра на „Стемфорд Бриџ“.
– Беше чест да се соработува со Обамејанг. Фантастичен напаѓач, фантастичен финишер, но пред се, голем работник и надвор од теренот. Секогаш со насмевка на лицето, исклучително искрен и пријателски настроен. Беше малку луд, но позитивно луд.
– Не пропушти ниту еден тренинг во две сезони, можеби доцнеше по неколку минути, тоа навистина знае да се случи со него. Но, дури и кога го прави тоа, секогаш е во брзање и се обидува да даде објаснување за доцнењето и тоа го прави со насмевка на лицето. Тоа е Обамејанг, тешко е да бидете лут на такво момче, има огромно срце.
– Кога сакавме да дојде на време, му кажувавме дека тренингот започнува 15 минути порано, на пример дека треба да дојде во 10:45, а тренингот е од 11. Од километри можевме да слушнеме дека доаѓа на тренинг, познат е по своите брзи и бесни автомобили. Кога ќе го слушневме звукот од автомобилот, почнувавме да се подготвуваме, бидејќи знаевме дека доаѓа наскоро. Се уште не знам како успеа да ја задржи својата возачка дозвола, од звукот на автомобилот, не верувам дека возеше во дозволената граница, – со насмевка објаснува Тухел.