Џејмс Мајкл Тајлер, американски актер кој е најпознат по улогата на келнерот Гантер во серијата „Friends“, открил дека води битка со карцином на простатата.
Тој бил гостин во програмата „Today“ во која на водителот Крег Мелвин му открил дека ја дознал дијагнозата во септември 2018 година. Во текот на рутинскиот лекарски преглед дознал дека ракот се проширил и на коските.
„Во последните 3 години се борам против рак кој е во четврт стадиум, така што на крајот веројатно ќе ја изгубам битката“, признал Тајлер.
Лекарите веднаш го ставиле на хормонска терапија која за околу една година била многу делотворна. Во текот на пандемијата минатата година, Тајлер раскажал дека ракот напредувал и се проширил на целиот организам, зафаќајќи го ‘рбетот што довело до парализа на долниот дел од телото. Актерот е моментално на хемотерапија.
Џејмс изјавил дека одлучил да излезе во јавноста со тешката дијагноза со цел да спаси барем еден живот бидејќи сака да ги охрабри луѓето да прават навремени тестирања.
„Ако се препознае доволно рано, може едноставно да се лекува. На никому не би му посакал да го помине она што јас морав. Тоа не беше едноставно“, рекол актерот.
За потсетување, Тајлер се појави во специјалната епизода на „Friends“ која беше прикажана минатиот месец, но не сакал да се појави во живо туку се вклучи по пат на „Zoom“. Беше многу возбуден поради учеството, иако беше само виртуелно. На тој начин сакал да избегне неговата болест да ја засени посебната епизода на култната серија.